Во прекрасна атмосфера на галеријата „Мала станица“, пред преполната сала на скопската публика во средата ѝ беше претставена првата збирка поезија на Марија Митева, „Стражари на ноќта“ во издание на „Полица“.

Присутните имаа можност да ги погледнат 24-те песни од збирката, изложени во форма на 24 издизајнирани постери во голем формат. Збирката, пак, наместо меѓу корици, е во форма на папка во која се сместени 24-те песни на издизајнирани листови во А4 формат, кои можат да се врамат и изложат. Тоа е и идејата на поезијата што Митева ја нарекува изложбена поезија.

Зад дизајнот на песните на Митева се потпишуваат седуммина уметници од визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори и тоа: Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски – Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска. Уметниците работеа со четирите „бои на ноќта“ и преку своите илустрации имаа предизвик да го претстават своето видување на различните теми на песните.

А темите кои се во фокус на поезијата се прелеваат од општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби кои се нераскинлив дел од општественото битисување.

Идејата зад збирката илустрирана поезија ,,Стражари на ноќта” е споделувањето. Споделување на размислувања, идеи, креативност и светогледи со уметници од различни гранки, па следствено на тоа e и нејзиниот формат: папка со 24 постери кои може да се подарат, споделат, врамат секој посебно или како една целина. Така што, ова дело продолжува да се создава и реобмислува и по неговото издавање. Оттука, креативноста е во окото на читателот/гледачот, вели авторката.

„Стражари на ноќта“ е прва збирка поезија на Марија Митева (1995), која доаѓа три години по нејзината прва збирка раскази „Највисокото дно“ (2020), и таа во издание на „Полица“. Авторката припаѓа на генерацијата најмлади автори во современата македонска книжевност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.