Збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска, издание на „ПНВ Публикации“, ќе биде промовирана вечер во 19:00 часот во галерија „Империјал 2“ во Културно информативниот центар ‒ Скопје. Книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

Таа појаснува дека во своето првенче, збирката раскази „Петкамен“, Нина Насеска ги штити од заборав сите ликови од соседството на кои свикнуваме и ги доживуваме за некако свои и блиски особено тогаш кога нивното отсуство станува повидливо од нивното присуство.

Нивните животни приказни и нивните тајни остануваат недообзнанети, закопани заедно со нив. Многу од овие раскази се налик филмовите без конечен крај на приказната, токму како што е и во реалноста. Нина ни прикажува само куси извадоци од животот на нејзините јунаци,некои од нив се и антихерои што се чини дека не се главни ликови ниту во сопствената приказна, маргинализирани, осамени, напуштени, ретко среќни, па прават да се замислиме за сопствениот живот и за нашите односи со луѓето околу нас, појаснува Величковска.

Додава дека во збирка раскази доминираат меланхолијата и носталгијата по напуштениот дом, по загубеното детство и детските игри, по починатите блиски, по сето она што можело да биде ако не сме донеле извесни погрешни животни одлуки… но и приказни во кои се чувствува љубовта и семејната топлина, и надеж каква што само децата можат да ветат

Нина Насеска (2002, Прилеп) студира на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на збирката поезија и проза „Мозаик од доживувања“ (2014), романот за деца „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) и најновото дело „Петкамен“, збирка раскази (2023).

Има учествувано на неколку литературни читања, добитник е наповеќе книжевни награди и признанија, а нејзини раскази се објавени восписанијата „Современост“, „Стремеж“ и „Репер“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.