В сабота (11 мај) од 17.00 часот во Градска библиотека “Браќа Миладиновци” – Скопје ќе се одржи промоција на сликовницата „Другарко“ од авторот Денис Јанкуловски – Космонаутко а со илустрации на Наташа Костовска.

На промоцијата ќе настапат инклузивното танцово студио „Еурека“, и Марија Савеска и Дени Жерновска.

Со авторот Јанкуловски и илустраторката Костовска за сликовницата ќе разговараат книжевната критичарка Александра Јуруковска и издавачот, Дејан Трајкоски. Сликовницата „Другарко“ на неодамнешниот Саем на книгата го доби највисокото признание за општествена одговорност кое што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

Ова е една од ретките сликовници кај нас, којашто се занимава со децата со нетипичен развој. Во сликовницата, главниот јунак е детето Другарко кое има аутизам и коешто си живее во својот свет, а приказната е мајсторски раскажана, испреплетена со етички поуки за другарството, заедништвото и почитувањето на поинаквите. Боите во сликовницата се ненападни, а и фонтот е едноставен, а не разигран, со цел сликовницата да можат да ја гледаат и читаат сите деца, стоеше во образложението на жири-комисијата.

„Другарко“ е е во издание на Прозарт медиа а објавувањето е поддржано од Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.