Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ вечер, во 20 часот, во кафе бар „Нагоре“ во Струмица организира промоција на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски.

Митко Гогов ќе биде модертор, а промотор на романот ќе биде писателот Ацо Гогов.

„Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски во издание на „Или-или“ е еден од четирите романи финалисти што влегоа во потесниот избор за „Роман на годината“ за 2022 година на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Романот е замислен како книга за траумата, но и за терапевтското влијание на пишувањето. Ова е книга за разбирањето, за милоста и за прошката. Најпосле, тоа е книга што се обидува да зборува за неискажливото доживување на врховната едност, која сè наоколу трајно преобразува во свест, љубов, радост и благодарност.

Според Фросина Пармаковска, овој роман е „обид за автофикција“, односно книга која преку „себеосознавање, себесоочување и самопомош“ говори за траумите од животните преломи кои можат да остават траен белег при градењето на карактерот на еден човек.

„Писмо за Глорија“ е роман кој додека го читате ве наведува на интроспекција, на споредување со главниот лик и неговите избори во конкретни ситуации, реалноста на моменти е толку јасна и чиста, а веќе на следната страница умешно потопена во имагинацијата.

-Овој роман-патешествие нѐ потсетува на пријателството, на важноста да бидеме сами и кога сме во друштво и обратно: да бидеме уво за премрежињата низ кои поминуваат оние околу нас, се вели во најавата.

Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018) јазик. Преведува и препејува од и на италијански јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.