Во Културно-информативниот центар денеска со почеток од 10 ч. ќе биде промовирана книгата „Траума и театар: Горан Стефановски“ од Мишел Павловски, во која авторот се занимава со три теми: културната траума, идентитетите и театарот на Стефановски.

-Павловски не го анализира и не го обработува само драмскиот текст на Стефановски туку драмите ги разгледува во нивата севкупност со театарската претстава. Ова е една важна карактеристика на трудот на Павловски: театролошкиот пристап во обработката на темата. Втората значајна карактеристика на ракописот на Мишел Павловски е културолошкиот пристап кој е присутен низ целиот ракопис и кој му дава белег на ова дело. На тој начин, комбинирајќи ги теоретските и методолошките премиси на културологијата и театрологијата, Мишел Павловски создава оригинално, сериозно и пред сè и над сè квалитетно дело кое се базира на цврсти и современи теоретски основи. Треба да се одбележи уште еден теоретски дискурс кој Павловски го користи: прашањата на траумата и на културната траума, кој во светската теоретска мисла е многу актуелен последниве години, наведува КИЦ во најавата на настанот.

Мишел Павловски е редовен професор по културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Раководител и главен истражувач е во проектот „Македонската литературна дата база“, бил главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Спектар“ (2010-2012), еден од основачите и член на Редакцијата на меѓународното научно списание Култура/Culture, член на претседателството на ДПМ и негов секретар за внатрешни активности и автор на повеќе изданија.

Павловски е добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за книгата „Македонија: вчера и денес“ (заедно со Јован Павловски, 1997) и на колективната награда за наука „Гоце Делчев“ за проектот „Театарот на македонска почва“ (2003).

Новата книга „Траума и театар: Горан Стефановски“ во КИЦ-Скопје ќе ја промовираат авторот Павловски и Емил Ниами.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.