На 1 јуни, со почеток од 18. 30 часот, во галеријата на КИЦ на Република Македонија, ќе се одржи промоцијата на книгата „Неверство“ од македонскиот писател Дејан Трајкоски, преведена на бугарски јазик од Божидар Манов.

За бугарските читатели книгата „Неверство“ излегува како издание на издавачката куќа „Парадокс“. Пред публиката во КИЦ на РСМ во Софија за книгата ќе говори писателката Елена Алексиева, а вечерта ќе ја води Дарина Анастасова.

„НЕВЕРСТВО“

Автор: Дејан Трајкоски

Преведувач: Божидар Манов

Што би било, ако Ромео и Јулија се беа родиле на Балканот? Или пак Сонцето и Месечината? Воопшто, нивната љубов би била прозаична метафизика. Прегорен комат леб со свинска маст, посолен со самодивски полен.

Романот „Неверство“ раскажува за двајца вљубени, родени под несреќна ѕвезда во Македонија од втората деценија на 20 век. Соне („Сонце“) оди на гурбет во Америка за да се збогати и да ја добие раката на својата сакана Мена („Месечина“). Судирот на херојот со „другоста“ на Новиот свет доведува до своевидно распаѓање на неговата личност, до замаглување на неговите идеали и до најстрашното од сите предавства – она кон самиот себе. Сепак, „Неверство“ не е љубовен роман заситен со трагизам. Дејан Трајкоски комбинира филозофски мисли со оние од секојдневието, вешто ги менува говорните карактеристики и стилските нијанси и гради повеќеслојна и длабоко човечка нарација за Историјата, носена од полнокрвни ликови.

Дејан Трајкоски е роден 1977 година. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на романите „Вистина. Љубов. Рашомонијада“ (2012) и „Неверство“ (2014), како и стихозбирката „Филмски песни“ (2022). Раководител и главен уредник на издавачката куќа „Прозарт медија“, како и креатор и директор на Меѓународниот литературен фестивал “PRO-ZA Balkan”. Работел како новинар, филмски критичар, селектор на филмски фестивал, уредник, издавач. Трајкоски е член на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСИ, на Друштвото на македонските писатели и Македонскиот ПЕН центар. Живее и работи во Скопје.

Романот „Неверство“ е награден со наградата „Македонска книжевна авангарда“ и е преведен на повеќе јазици, меѓу кои англиски, германски, ерменски, арапски, српски и албански.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.