Монографијата „Чашуле: приказнувачот“ од Ана Стојаноска ќе биде промовирана денеска на сцената на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Книгата е заедничко издание на авторката, во соработка со Факултетот за драмски уметности – Скопје и „Арс Ламина“. Промотор на книгата ќе биде проф.д-р Јелена Лужина. На промоцијата ќе бидат изведени и делови од претставата „Црнила ремикс“, чија реконструкција е сместена во централниот дел на монографијата.

Монографијата „Чашуле, приказнувачот“ претставува научна и емотивна книга за македонскиот писател и драмски автор Коле Чашуле, на стогодишнината од неговото раѓање. Замислена е како троен преглед на три важни топоси поврзани со неговата работа и со работата на авторката. Насловена е „Коле Чашуле: приказнувачот“, според еден од текстовите во книгата. Ова е исклучително ретка книга во македонската театролошка литература. Не само во жанровска, туку и во поетичка смисла, книгата „Чашуле, приказнувачот“ се препознава како прилично, дури и експлицитно „хибридна“: нејзиниот „темелен“ дискурс е, напоредно, и научно дистанциран (театролошки аргументиран/„објективен“), ама и евидентно „субјективен“: интимистички тактилен, речиси романескно „расприкажан“, поетичен, наведува проф. д-р Јелена Лужина во рецензијата на книгата.

Ана Стојаноска (1977, Прилеп) театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје Уметнички директор и Претседател на Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, од септември 2022г.

Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.

Авторка е на стотина студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезија и проза и е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзина поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.

Промоцијата се реализира во рамките на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“, а во јуни, на последното 57. издание МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, беше прв пат претставена пред јавноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.