Промоцијата на книгата „Балкански вознеси“ од авторот Васил Тоциновски ќе се одржи во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ на 19 јули, (петок) со почеток во 12 часот во Градската кафеана „Пелистер“.
Промотори се проф. д-р Васил Дрвошанов и м-р Сашо Огненовски.
Книгата „Балкански вознеси“ на македонскиот писател и научен работник Васил Тоциновски, издание на „Академска мисла“ Скопје, претставува своевидно освежување. Во ова заитано и превртено време на конфликти, недоразбирања, разградувања и непочитување ги проследува, толкува и вреднува заедничките нешта кои ги зближуваат и творечки ги обединуваат балканските литерaтури. Книгата содржи дваесет текстови во кои низ архивски истражувања и нова документација се разгледуваат малку познати и се отвораат нови страници за одредени автори и дела, појави и пројави во македонската книжевност од еден подолг временски период, почнувајќи од втората половина на деветнаесеттиот век до денес.
Васил Тоциновски на триста страници во книгата „Балкански вознеси“ е во потрага на автори и дела, појави и пројави, процеси и состојби кои градат мостови на пријателство, почит, доверба и соработка меѓу народите и државите. Настрана од дипломатијата и историјата авторот системно и аргументирано открива нови и непознати страници од животот и делото на Андреја Д. Петкович и Кочо Рацин. Станува збор за текстови кои се читливи, интересни, разбирливи со убавините на стилот и јазикот со кои го идентификуваме авторскиот ракопис на Тоциновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.