Писателката Кристина Краличин ќе промовира два нови романи „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ во издание на ИД-Концепт / Чудна шума.

Промоцијата ќе се одржи во рамки на деновите на литература, на 15 февруари (четврток), во 19 часот во Литература.мк во Дајмонд мол. Промотори ќе бидат проф. д-р Ермис Лафазановски и Билјана Црвенковска.

Романот „Денот пред да се стемни“ е преплетена комбинација на панорамскиот, психолошкиот и љубовниот сегмент на животот што го придружуваат човекот по патот на неизвесноста, во потрагата по сопствената среќа.

Романот „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ е психолошки роман со хорор-секвенции, кој го пренесува најдлабокото скриено искуство на сценаристот Тери Милер, кој живее и работи во градот Остин во Тексас, Америка. При едно патување во градот Далас за снимање сцени за филмот на кој работи, доживува сообраќајна несреќа што комплетно ќе му го измести неговиот поглед на светот и на животот, а особено затоа што има жртва за која тој се обвинува себеси. Ова е експлицитен психолошки роман со индоктринирани испреплетени сегменти на научнофантастичен жанр.

Кристина Краличин е книжевен глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација на писатели, со богата, стилски облагородена и автентична писателска нарација. Нејзините дела претставуваат многуслојна ризница на силни филозофски, психолошки и културолошки аспекти на животот, интерпретирани во повеќезначајна јазична структура.

Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за италијански јазик и книжевност и американски студии, прочувајќи ги италијанската и американската култура и книжевност.

Автор е на две стихозбирки „Патот на душата по зборот што гори“ и „Poetry as a Perfect Entity: The Ethical Dimension of Life: Verses of the Essence“ на англиски јазик, една збирка раскази и поезија „Collection of Poems and Stories: Love the Differences“ на англиски јазик која е преведена и објавена на италијански јазик „Raccolta di Poesie e Racconti: Ama Le Differenze“, на три романи „Дното на моето небо“, „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа“. Добитник е на меѓународни награди, меѓу кои и интернационалната „Concorso Internazionale “Il Parnaso” – Premio “Angelo La Vecchia” VIII Edizione 2022/23“. Дел од нејзините песни се влезени во две антологии издадени во Италија.

Има објавено повеќе статии и колумни во италијански портал, како и серија мотивациски текстови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.