Во рамки на деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура насловено „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“, годинава Контрапункт во својата едиција „Пунктум“ посветена на новите критичко-теориски правци на мислата и дејствувањето, објавува три книги од еден од најзначајните и најпредизвикувачките теоретичари на уметноста и филозофи, Гералд Рауниг. На македонски јазик ќе ги имаме трите најзначајни книги на Рауниг: „Уметност и револуција“ во превод на Катерина Шекутковска, „Дивидуа“ и Дисeмблажа“, во превод на Жарко Трајаноски, кои наскоро, според copy left принципот, за кој Рауниг, исто како и Контрапункт се големи застапувачи, ќе бидат објавени и online, во PDF формат.
На 3 јуни (среда), со почеток во 19:30 часот во Националната галерија „Чифте амам“, низ дијалог помеѓу Рауниг и Ивана Драгшиќ ќе биде промовирана култната „Уметност и револуција“, во превод од германски јазик на Катерина Шекутковска.
„Уметност и револуција“ е своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“ која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и Publixtheatre Caravan како проект на Volxtheater Favoriten, меѓународна театарска трупа која работи во Виена, која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, „Уметност и револуција“ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од приказните за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа.
Со елоквентна примена на идеите и постулатите на Делез и Гатари за „машината“, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска меѓу уметноста и активизмот.
„Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти диктирани од пазарот и авторитетите и наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини.
Во предговорот од изданието од 2017 година, Гералд Рауниг пишува:
„Уметничката историографија, критиката на уметноста и естетиката со задоволство молчат за политичката уметност и за политичкото во специфичните уметнички практики, а ова уште поизразено го прават во поглед на преплетувањето на уметноста и револуцијата. Толку многу големи имиња во историјата на уметност биле инволвирани и во револуциите, а опасните вкрстувања на уметничкиот и политичкиот активизам постојано се минимизираат, се претставуваат како безопасни или ненамерни. Тука преплетувањето не смее да се случи, уметноста како и револуцијата го губат својот машински квалитет преку историзацијата и разложувањето на науките за уметноста.“
Книгата е издадена со поддршка на Гете институт – Скопје.
Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во eipcp (European Institute for Progressive Cultural Policies/Европски институт за прогресивни културни политики) како еден од уредниците на мултијазичната издавачка платформа и е професор по филозофија на Zürcher Hochschule der Künste.
Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански, холандски, турски, а сега, во издание на Контрапункт, во едицијата Пунктум, која е дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, и на македонски јазик. Меѓу позначајните книги преведени на англиски се: Art and Revolution. Transversal Activism in the Long Twentieth Century, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2007; Art and Contemporary Critical Practice. Reinventing Institutional Critique, London: mayflybooks 2009 (Ed., with Gene Ray); A Thousand Machines , превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2010; Critique of Creativity, London: mayflybooks 2011 (Ed., with Gene Ray and Ulf Wuggenig); Factories of Knowledge, Industries of Creativity , превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2013; DIVIDUUM. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol.1, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2016; Dissemblage. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol. 2, Minor Compositions 2022. Во најава е Making Multiplicity, Polity Press 2024.
Во последните години, значаен дел од времето Рауниг работи и живее во Малага, Андалузија, каде што ги истражува и работи со автономните колективи и алтернативните форми на самоорганизација.
Ивана Драгшиќ е социолог и граѓанска операторка со интерес за контракултурни практики, институционални иновации и слободно време. Таа е активна истражувачка, авторка и уредничка на теми за заедништво и екофеминизам, со изразен интерес кон следните испреплетени концепти: јавен простор, урбано зеленило, учество на граѓаните, управување со ресурси, основен универзален приход, грижа и удобност/конвивијалност. Драгшиќ е уметница, аматерска изведувачка, пушта музика на радио и во клубови.
КРИК – Фестивалот за критичка култура, финансиски е поддржан од Гете Институт, Министерството за култура на Република Македонија и програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија. Но гледиштата и мислењата што се изразени во неа се сепак само на авторот(ите) и не нужно ги одразуваат оние на Европската Унија или на Европската агенција за образование и (EACEA). Ниту Европската Унија ниту доделувачот на грантот не можат да се сметаат за одговорни за нив. Како и Agenzia Italiana per la Cooperazione allo Sviluppo (AICS), Tirana во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.