Многу активности, промоции, презентации, претстави ќе бидат дел од програмата посветена на Горан Стефановски што ќе се реализира денеска во текот на цел ден во рамките на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски годинава е Автор во фокус на фестивалот.
Почнувајќи од 10 часот во киното „Мис Стон“, ќе биде изведена претставата „Јане Задрогаз“, а во неа играат учесниците на едукативните работилници во рамките на програмата „Чернодрински за деца“, што се реализираше во текот на измината година. Предводени од режисерот Милош Б. Андоновски и „Театар за сите“, а под менторство на актерите Игор Трпчески и Илија Волчески, млади театарски ентузијасти, заедно со професори-ментори од прилепските гимназии цела година учеа и креираа. Во истиот термин ќе биде отворена и Детската зона, поддржана од фондацијата „Чекор по чекор“.
Во 11 часот ќе следуваат промоции на театарска и театролошка литература. И денес на програмата се разговорите на тркалезната маса, овојпат за претставата „Иванов“, што синоќа ја изведе Македонскиот народен театар во рамките на официјалната селекција.
Во 13 часот во фоајето на Центарот за култура, публиката ќе дознае повеќе за неодамна формираната фондација „Горан Стефановски“ на Факултет за драмски уметности – Скопје при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Исто така ќе следува и презентација на наградата „Горан Стефановски“, што ја востановува Драмскиот театар од Скопје.
Публиката во Прилеп ќе може да слушне повеќе и за аудиодрамите на Горан Стефановски, што ги реализира платформата „Самоглас“. Станува збор за три драми – „Диво месо“, „Гоце“ и „Дупло дно“.
Во продукција на ФДУ во 18.30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде прикажан филм посветен на Стефановски. Две претстави што се дел од програмата на третиот фестивалски ден, вечерва ќе бидат според текстот „Црна дупка“ на Стефановски. Во 20 часот ќе гостуваат актерите од Театарот „Антон Панов“ од Струмица, во претстава што ја режираше Љупчо Ѓоргиевски. Улогите ги толкуваат: Васил Михаил, Танкица Стојанова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов.
Во 22 часот – следува дипломската претстава на студенти од ФДУ.
На вториот фестивалски ден на тркалезната маса што се организира во чест на претставите од официјалната програма, се разговараше со екипата на претставата „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов. Екипата на Драмски театар истакна колку е важно што воопшто се организираат овие средби во кои може да се разговара за театарот, да се споделуваат мислења.
Вечерта пак, публиката со голем аплауз ги награди актерите од претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска. Во утринските часови детски џагор и креации го красат делот на Саат-кулата во Прилеп каде многу дечиња креираат и се дружат. Гости на фестивалот беа и 40-ина деца од Актерската школа на Весна Петрушевска, кои настапија со „Стапица“ според Горан Стефановски.
Вчера започна и првата работилница во рамките на придружната програма на фестивалот, што ја води драматургот Ана Ристоска-Трпеноска.
фото: МТФ „Војдан Чернодрински“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.