ПНВ Публикации ќе ја промовира збирката есеи „Пат покрај патот“ од Славе Ѓорѓо Димоски утре (сабота, 2.4.2022) во 18 часот во кафе и бар ШИЛА во Охрид.
Промотор е проф. д-р Димитар Пандев, а модератор: Јулијана Величковска.
„Пат покрај патот“ е четврта книга есеи од Славе Ѓорѓо Димоски. Книгата има пет циклуси, во кои се поместени дваесет есеи на различни културолошки теми, но јадрото на книгата го сочинуваат патописни есеи инспиративно поттикнати од неговите патувања во повеќе земји.
Во книгата се прави синтеза помеѓу два жанра: патописот, во кој се забележани впечатоци од остварени патувања, и есејот како жанр што овозможува и своевиден поглед на виденото, доживеаното, но и оставените цивилизациски траги во времето.
Другите есеи се на културолошки теми што предизвикале интерес кај авторот во последните петнаесетина години. Во последниот дел се претставени две подолги интервјуа именувани како интервјуа-есеи во кои се образложени поетичките погледи на Ѓорѓо Димоски врз сопственото поетско творештво.
На настанот ќе стане збор и за последните две стихозбирки на Славе Ѓорѓо Димоски: „Јазик и леб“ и „Извештаи на рисот“, коишто досега не беа претставени пред охридската публика.
Славе Ѓорѓо Димоски е автор на повеќе поетски книги за возрасни и деца, деветнаесет му се преведени на различни јазици, добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, и е застапен во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени по 1982 година.
Настанот ќе биде организиран според актуелните препораки на Владата и Министерството за здравство за заштита од ковид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.