Книгоиздателството „Ми-Ан“ вечер од 19.19 часот во Културно-информативниот центар во Скопје ќе ја промовира книгата „Сок од простата: јубилејно издание“ од Јован Павловски. Изданието е по повод 85 години живот и 65 години творечка дејност на Павловски – писател, енциклопедист и публицист.
Веднаш по појавувањето во 1990 година, култниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“ ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и редица преводи на други јазици. Реномираната „Хрватска енциклопедија“ на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб го определува „Сок од простата“ како првиот македонски еротски постмодернистички роман… „Сок од простата“ не е само еротски роман, туку и длабока лирска приказна за осаменоста и културниот шок, за страста и љубовта, за несигурноста во сопствените чувства и колебањето… Романот може да се појми како еротска проза, проза која со директноста на изразот и со неговата реалистичност се стреми да ги пробие елитизираните, закоравени ставови за пристојното/непристојното, да ја деконструира хипокризијата на „високата литература“… наведува „Ми-Ан“.
Книгата ќе ја промовираат професорките од Филолошкиот факултет Весна Мојсова-Чепишевска и Кристина Николовска. Освен романот „Сок од простата“, во изданието се поместени и критички осврти за творештвото на Павловски од акад. Катица Ќулафкова, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Гоце Смилевски, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, доц. д-р Бобан Карапејовски и м-р Иван Антоновски.
Јован Павловски е автор на над 40 книги (поезија и проза), над дваесет публицистички трудови. Особено е значаен неговиот придонес во македонската енциклопедистика. Тој е уредник и издавач на првата македонска општа енциклопедија. Павловски во три мандати беше претседател ан Друштвото на писателите на Македонија и е добитник на високи литературни и државни награди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.