Промоција на книгата „Слободата на стихот“, ретка научна студија за слободниот стих со анализа на стихови од современата македонска поезија. Промотори на книгата се: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и д-р Атанас Чупоски. Настанот ќе се одржи во четврток, (16 јуни), во дворот (Летното кино) на Кинотеката на Македонија – во 19:00 часот.

Kнигата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од Сузана В. Спасовска, претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во далечната 2002 година.

Рецензенти на изданието се професорите д-р Венко Андоновски и д-р Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет.

Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканскиве, и потесно на македонските простори и второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука воопшто, пишуваат професорите во рецензијата.

Книгата на 270 страници го проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап прави обид да го дефинира слободниот стих, да ги категоризира неговите карактеристики и да направи типологизација на видовите слободен стих.

Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих. …

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза. Досега објавила седум стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание), „Јазикот на светлината“ (2020, Македонија презент) и „Кадуцеј и лира“ (2022, ВиГ Зеница). Живее и работи во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.