На 25 март (петок),  во 20 часот, во Кафе книжара Буква, КСП Центар-Јадро ќе ја промовира книгата „Во дијалог, Визуелна и применета ликовна програма на КСП Центар-Јадро (2020-2021“)

Поттикнати од фактот дека на нашата сцена сме постојано соочени со недостаток на континуитет на структурираната анализа и историографија на работата на нашите визуелни уметници и дизајнери, во 2020 година ја започнавме серијата на разговори и презентации Македонски визуелни уметнициМакедонски дизајнери и Видео уметници од Македонија и регионот. Она што ни беше особено битно е да ги поттикнеме авторите да проговорат за своите дела, креативниот и технички процес како и за состојбите во кој тие создаваат.

Многу наши визуелни уметници имаат многу богата продукција и под тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради честото системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност.

Македонските видео уметници беа активни во овој медиум уште од почетокот на деведесеттите. Со создавање на врската со видео уметниците од регионот сакаме да придонесеме за промоција на нашите уметници на меѓународната сцена. Исто така, сакаме да го поставиме прашањето за позицијата на видео уметноста денес, како и нејзините бројни трансформации, експерименти и испреплетувањето со други уметнички форми.

Македонскиот дизајн во изминатите години постигна сериозни успеси. Нашите дизајнери успеваат да ја потврдат својата работа дома и во странство. Нивните дизајни се наградени на многу фестивали и конкурси и се претставени во релевантни светски списанија и веб-платформи. Типографија, дизајн на книги, логоа, постери, кампањи, дизајн и развој на видео игри се областите во кои тие успеваат да ги преточат своите креативни идеи.

Со цел да се поттикне понепосредна и пофокусирана комуникација трите серии разговори беа водени во живо, во просторот на КСП Центар-Јадро, како и во дворот на кафе-книжарницата „Буква“, на тремот на Музејот на современата уметност – Скопје и кафе-барот, „Шортбас“ а четири разговори се одржаа во живо на онлајн платформата ZOOM и беа пренесувани во живо на фејсбук страната на КСП Центар-Јадро.

Во книгата „Во дијалог, Визуелна и применета ликовна програма на КСП Центар-Јадро (2020-2021“) се поместени сублимираните транскрипти од презентациите и разговорите со десет македонски визуелни уметници (Велимир Жерновски, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Моника Мотеска, Оливер Мусовиќ, Нада Прља, Глигор Стефанов, Игор Тошевски, Никола Узуновски, Јане Чаловски), пет видео уметници од Македонија и регионот (Ана Адамовиќ, Игор Грубиќ, Христина Иваноскa, Верица Ковачевска, Јасмина Цибиќ)и пет македонски дизајнери (Игор Делов, Небојша Гелевски-Бане, Нгадњим Мехмети, Ласко Џуровски, Томи Џуровски).

Се надеваме дека преку овие разговори сo истакнати автори ќе успееме да придонесеме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.