Дваесет и два концерти, седум театарски претстави од кои три се за деца, седум изложби, како и две промоции на книги ќе бидат дел од годинешното јубилејно 45. издание на фестивалот „Скопско лето“ што ќе се одржи од 21 јуни до 31 јули. Фестивалот ќе биде отворен во петок со настапот на хрватски пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан, а се затвора со концерт на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ во Сули ан.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност Никола Глигоров на денешната прес-конференција посочи дека за оваа година за програмата на фестивалот се обезбедени 800 илјада денари од Министерството за култура.

Се обидовме оваа година да направиме достојна програма за Скопско лето за јубилејното 45 издание. Своевремено, ние имавме 2 милиони денари од Градот Скопје и 2 милиони денари од Министерството за култура, но оваа година програмата ја правиме само со 800 илјада денари од Министерството за култура. Се надевам дека публиката ќе ужива, рече Глигоров.

Глигоров се заблагодари на оние луѓе што во 1980 го стартуваа „Скопско лето“.

Тие сметаа дека Скопје заслужува манифестација во текот на летото, а ние се трудиме секоја година да го оправдаме тоа, кажа Глигоров.

Сања Шуплевска од Уметничкиот центар „Полифонија“ на прес-конференцијата најави дека првиот нивен проект е Вивалдијада, што ќе се одржи на 25 јуни во соработка со хорот „Св. Злата Мегленска“. Таа го најави и настапот на Националната опера и балет – балетската гала, која ќе се случи следната среда на 26 јуни, од најдобрите и најпознатите балетски претстави кои се одиграа оваа година.

Горан Наумовски, кој е дел од организацијата на Скопско лето и кој е проектен координатор на концертот на Звјездан Ружиќ, рече дека концертот ќе трае речиси два часа ќе има многу убава програма.

Како што посочи, следен проект е театарска претстава на Штипскиот театар на малата сцена во НОБ, насловена „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески. Третиот проект е „Најдоброто од Копров“. Концертот е закажан за 4 јули, во НОБ, каде што на еден начин, ќе му биде оддадена почит на Копров за неговото творештво. Ќе настапат Ана Петановска, Наде Талеска, Горан Наумовски, а ексклузивен гостин ќе биде Владо Јаневски.

Маја Чанаќевиќ од ФАМЕС Институтот на прес-конференцијата најави дека на 6 јули во Сули ан ќе се одржи концерт на Оркестарот „ФАМЕС Институтот“, а диригент ќе биде Конрад Ван Алфен. Како солисти ќе настапи Артварк – саксофонски квартет.

Таа посочи дека следниот концерт е на 22 јули во Сули ан, каде што по втор пат во државата ќе настапи романската виолинстика Ирина Мурешану, заедно со американскиот диригент Скот Флавин и заедно Оркестарот „ФАМЕС Институтот“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.