Со проекција на филмот „Враќање во тие денови“ во режија на Конрад Аксинович во Кинотеката на Македонија беше означен почетокот на програмата „Вистула“ на „Киненова“. Станува збор за соработка меѓу МФФ Киненова и полскиот фестивал „Вистула“, кој носи нова свежина со избраните наслови од највредната полска продукција.

Се надевам дека првите проекции на фестивалот „Вистула“ во Македонија ќе бидат убав почеток на една нова традиција, а насловите што ги одбравме ќе одговараат на вкусовите на вашите гледачи, бидејќи се грижиме за жанровската и тематската разновидност на репертоарот, така што убедена сум дека секој љубител на доброто кино треба ќе најде нешто за себе. За да ги исполниме очекувањата на македонската публика, избравме една од највредните полски продукции и вложивме максимални напори да подготвиме најразновиден репертоар, вели во својата порака директорката на „Вистула“, Малгоржата Шлаговска-Скулска

Драмата „Враќање во тие денови“ е автобиографски филм во кој дознаваме за семејната историја на 14-годишниот Томек, чиј татко се враќа по години емиграција од САД. Режија и сценарио: Конрад Аксинович (Konrad Aksinowicz), улоги: Мачиеј Стухр (Maciej Stuhr), Вероника Кшиазкиевич (Weronika Ksiazkiewicz), Теодор Кожар (Teodor Koziar) .

Првата верзија на сценариото ја напишав пред 10 години во пет дена. Според тоа сценарио филмот би траел три часа, не бев во состојба да го снимам и го ставив во фиока. Во 2015 го скратив сценариото и ја направив оваа верзија што ја гледавте вечерва. Го правев за себе и затоа го снимав на игралиштето каде што пораснав, сцената во која мајката му фрла сендвич на детето е мојот прозорец каде што живеев, поканив 30 пријатели од детството кои се статисти во филмот, а трите жени кои ги продаваат торбите се: првата сопруга на татко ми, мајка ми и неговата нова девојка. Да ги собереш на едно место сите овие луѓе кои не се виделе триесеттина години е вистински благослов. Деновиве филмот го гледаа педесеттина деца од 15 години и беа трогнати. Некои од нив доаѓаа и ме прегрнуваа бидејќи имале слично искуство како моето и истовремено беа среќни што не се сами во ова. За мене тоа е најголемото признание и среќен сум што има голем ефект во различни држави, зошто додека го снимав не бев свесен дека така ќе делува на публиката, рече режисерот Аксинович.

Томек живее сам со неговата мајка. Сакајќи да ја подобри финансиската ситуација на семејството, неговиот татко заминува во САД. Неочекувано, тој се враќа дома со куп подароци, но не ја објаснува причината за неговото враќање. На прв поглед сите изгледаат среќни, но има нешто вознемирувачко во ситуацијата…

Пред една недела имаше проекција во Париз и една повозрасна госпоѓа ми рече дека во осумдесеттите години овој филм би бил прикажан на националната телевизија во ударен термин и би можел да го смени светот. Како режисер секогаш сакам да правам филмови кои им значат на луѓето. Ме прави среќен што во последно време во киносалите се прикажуваат терапевтски филмови. Долги години бев заклучен, но додека го правев филмот адреналинот беше поголем од емоциите, зошто кога правите филм никогаш не знаете која емоција ќе удри, исто како да сте во ринг-не знаете од каде ќе ви биде зададен удар, раскажа Аксинович.

Роден е 1978 година во Вроцлав и на него најголемо влијание имале три феномени на осумдесеттите години: „Војна на ѕвездите“, ЛЕГО коцки и „Мапет шоу“. Во 1985 година проекцијата на „Враќање на Џедај“, шестиот дел од „Војни на ѕвездите“ предизвикала неповратни промени во животот на Конрад, благодарение на кои тој поверувал дека филмските галаксии се најдоброто место за негова иднина.

Имам идеја за научно-фантастичен филм, но за тоа треба голем буџет и во Полска не се снимаат такви филмови. Исто така сакам да снимам филм за еден рок бенд и во моментов работам на авторските права за нивната музика, откри Аксинович.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.