Изложба на фотографии и концерт, во рамки на проектот „Ние, луѓето“ на Театар Пи, во кој се вклучени и лица со попреченост и атипичен развој, ќе се одржи вечерва во Центарот за култура во Ѓорче Петров, со почеток од 19 часот.
„Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори-професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој ќе поминат низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело, објаснуваат од Театар „Пи“.
Оттаму додаваат дека настанот е дел од кампањата за вклучување на лица со посебни потреби како и лица со типичен и атипичен развој во културата, почната во јануари годинава, а ќе трае до мај следната година.
По изложувањето во Центарот за култура во Ѓорче Петров, изложбата од 6 до 11 ноември се префрла во „Мала станица“.
Во мај 2024 ќе имаат премиера на истоимената театарска претстава. Темата е инспирација од писателот Јордан Радичков, а проектот е финансиран со средства од Бугарска развојна помош, известуваат од Театар „Пи“.
Театар „Пи“ е создаден пред 13 години и единствениот на Балканот кој континуирано работи со лица со интелектуална попреченост и лица со типичен развој. Тој е основан и предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.