На самиот почеток на февруарската филмска програма во Кинотеката (1 февруари, вторник), не случајно имаме два македонски играни филмови: СЕСТРИ на Дина Дума и САМОУНИШТУВАЊЕ на Ербил Алтанај. СЕСТРИ е дебитантски долгометражен игран филм на Дина Дума (на англиски SISTERHOOD, што може да се преведе како СЕСТРИНСТВО), кој веќе успешно чекори на фестивалите. Се закити со награда на Филмскиот фестивал во Карлови Вари во август минатата година, каде ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, a македонската премиера ја имаше на 42. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ – филмот на Дума го отвори фестивалот во Битола – и беше македонски кандидат за наградата „Оскар“.

Македонскиот игран филм СЕСТРИ, дебитантско долгометражно остварување на Дина Дума, во текот на февруари ќе има неколку проекции во Кинотеката.

На првата проекција на СЕСТРИ на 1 февруари (вторник) во 18:00 ч. ќе присуствуваат авторката Дума и актерките Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Публиката ќе има можност да разговара со гостинките по проекцијата на филмот.

1 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

2 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

3 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

5 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

7 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

11 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

12 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

28 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

СЕСТРИ

(Sisterhood)

Игран филм, Македонија / Косово / Црна Гора

2021, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Дина Дума (Dina Duma)

Сценарио: Дина Дума, Мартин Иванов (Dina Duma, Martin Ivanov)

Улоги: Антонија Белазелкоска, Миа Жиро, Марија Јанчевска, Ханис Багашов, Верица Недеска (Antonija Belazelkoska, Mia Giraud, Marija Jancevska, Hanis Bagashov, Verica Nedeska)

Филмот е приказна за две млади девојки, Маја и Јана. Растат во типична постсоцијалистичка средина со изместени вредности. Нивното хоби е синхронизирано пливање. Маја е вљубена во Крис, и на една журка наместо да започнат нормална врска, Елена ѝ го презема дечкото на Маја. Елена и Крис имаат орален секс на отворено, а Маја и Јана ќе го снимат тој настан со мобилен телефон и ќе го објават на социјалните мрежи. Животот на Елена станува пекол, и по судирот со Маја и Јана се случува страшен инцидент во кој исчезнува Елена. Сите се во потрага по неа, а пријателството на Маја и Јана е доведено во прашање…

СЕСТРИ е дебитантски филм на режисерката Дина Дума. Во главните улоги настапуваат Антонија Белазелкоска како Маја, Миа Жиро како Јана, Марија Јанчевска како Елена и Ханис Багашов како Крис. Светската премиера на македонскиот игран филм „Сестри“ беше во август годинава на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“. Македонската премиера на СЕСТРИ беше на 42 ИФФК „Браќа Манаки“: филмот на Дума го отвори фестивалот на кинематограферите во Битола.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

Филмот на младата Дина Дума – за растењето на две девојчиња во типична пост-социјалистичка средина со изместени вредности, на многу начини, се надоврзува на филмот САМОУНИШТУВАЊЕ на Ербил Алтанај од 1996 година, урбана трагикомедија за распаѓањето на семејството и „оѕверувањето“ на поединецот. Гледањето на САМОУНИШТУВАЊЕ четврт век подоцна некако можеби ќе нè потсети дека сме заглавиле во времето на транзицијата: за жал – но и за среќа на авторите – филмот сè уште е свеж, како да е снимен вчера, според актуелните новински текстови и телевизиски прилози во црните хроники…!?

1 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

2 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

3 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

САМОУНИШТУВАЊЕ

(Suicide Guide)

Игран филм, Македонија / Турција

1996, 97 мин., колор, 35 мм

Режија: Ербил Алтанај (Erbil Altanay)

Сценарио: Сашко Насев (Sasko Nasev)

Улоги: Јовица Михајловски, Катерина Коцевска, Оливер Митковски, Јелена Мијатовиќ Галевскa, Силвана Ерац, Бајруш Мјаку, Благоја Чоревски (Jovica Mihajlovski, Katerina Kocevska, Oliver Mitkovski, Jelena Mijatovic Galevska, Silvana Erac, Bajrus Mjaku, Blagoja Corevski)

САМОУНИШТУВАЊЕ е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести и во кое било време и место. Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување. И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пеачка, која сепак се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект. И Вилма, наивната девојката на Цоле, е жртва на Куплунг, можеби најтрагична: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

Следуваат кратки филмови на уште еден млад македонски автор. Илија Павлов е комплетен автор – сценарист, режисер, директор на фотографија, монтажер – на неколку кратки, експериментални, документарни и долгометражни филмови снимени од 2014 до денес, па гледачите ќе имаат можност да видат избор од неговиот досегашен опус.

НЕЗАВИСНА ПРОДУКЦИЈА:

ИЛИЈА ПАВЛОВ

4 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

5 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

7 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ

(1963: Good Night Skopje)

Документарен филм, Македонија

2020, 26 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Скопскиот земјотрес од 1963 година е една од најлошите природни катастрофи кои го погодиле главниот град на државата. Земјотресот се случи на 26 јули 1963 година, рано наутро во 05:17 часот, кога повеќето граѓани се уште спиеле во своите домови. Официјалните податоци тврдат дека барем 1.070 жители ги загубиле животите, околу 2.900 лица биле повредени, а без кров над глава останале 200.000. За да ја раскаже својата приказна за овој немил настан, авторот Павлов прави документарен колаж од инсерти од „Скопје ‘63“, како и од архивски снимки за земјотресот превземени од „Јадран филм“, Загреб, кои невлегле во финалната верзија на документарецот на Вељко Булајиќ од 1964.

ИЗЛЕЗ

(Exit)

Краток игран филм, Македонија

2016, 27мин., црно-бел, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Теодор е осамен математичар кој се обидува да пронајде излез од својот дом по смртта на неговата девојка Кристина. По пет години осаменички живот поминат во целосна изолација, Теодор започнува потрага по излезна каков било начин, но не сака физички да излезе од својот стан бидејќи се плаши од луѓето надвор, мислејќи дека сите се убијци и дека ќе настрада како Кристина. Тоа ќе го наведе излезот да го пронајде во својот ум, верувајќи дека тоа е единствениот начин, единствениот спас. Започнува да бара математичка формула која ќе му помогне да создаде супстанца преку која ќе го најде тој „вистински“ излез. Успева во својот експеримент и откако ќе ја исконзумира супстанцата, тој се губи во непознатото. И тогаш започнаат вистинските проблеми за Теодор, бидејќи тој имагинарен непознат свет станува негова реалност. Тој целосно го губи чувството за тоа што е реално, а што е плод на неговата фантазија, и единственото што сега го посакува е да се врати назад. Но, тоа е скоро невозможно…

ОД ЉУБОВ

(Out of Love)

Краток експериментален филм, Македонија

2020, 36 мин., колор / црно-бел, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Филмот е колаж од архивски снимки на урбани средини, дигитално реставрирани и манипулирани од авторот Павлов, групирани како музички видеа со музика на македонскиот автор Никтофилијак..

БОРЕЦ: ТОМЧЕ ПАВЛОВ

(Fighter: Tomche Pavlov)

Документарен филм, Македонија

2017, 31 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Томче Павлов е карате мајстор, некогаш бил еден од најдобрите каратисти во Европа претставувајќи ги Македонија и Југославија на многубројни светски и европски првенства во карате. Кариерата која траела активни 20 години ја завршува во 2000 година.

ИЗГУБЕНИ ВО ЖИВОТОТ

(Lost in Life)

Краток експериментален филм, Македонија

2015, 4 мин., колор, ДЦП

ДУХ

(Ghost)

Краток експериментален филм, Македонија

2014, 1 мин., колор, ДЦП

Илија Павлов (1998) е македонски уметник и писател, и комплетен автор на своите филмови (сценарио, режија, монтажа и камера). На 18 години го снимил својот прв краток филм ПОИНАКОВ СВЕТ (Different world) и со тој филм бил примен на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Словенија. Набргу потоа ја основа својата продуцентска куќа „Персона филм“ преку која ги продуцира сите свои досегашни филмови: документарните БОРЕЦ (Fighter, 2016) и 1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ (1963: Good Night Skopje, 2020), краткиот игран филм ИЗЛЕЗ (Exit, 2016), како и повеќе од 50 експериментални кратки филмови во траење од 1 до 5 минути. Во моментов работи на пост-продукција на својот дебитантски долгометражен игран филм под работен наслов ПРЕРОДБА: ГЛАСОТ НА ТИШИНАТА (Rebirth: Voice of Silence).

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

Француската кинематографија со право го носи епитетот на една од најжилавите европски филмски индустрии, најмногу поради продукциските капацитети, широкиот дијапазон на жанрови и теми, а секако и авторските потфати. Оттаму, два наслови од француската кинематографија се на кинотечната програма на почетокот на февруари: драмата со емигранти во фокусот ДЕМИЈАН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ на Ксавиер де Шодан во склоп на „Ноќта на идеите“ на Францускиот културен центар, и ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ од 1958, култна крими-драма на Луј Мал. Токму овој дебитантски филм на Мал ќе му ја трасира успешната кариера од протагонист на францускиот нов бран до автор на холивудски хитови, но ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ е клучен за подемот на Жана Моро како водечка европска актерка.

ФРАНЦУСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР: НОЌ НА ИДЕИТЕ

4 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ДЕМИЕН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ

(Damien veut changer le monde / Adopt a Daddy)

Игран филм, Франција

2018, 99 мин., колор, блуреј

Режија: Ксавиер де Шодан (Xavier de Choudens)

Сценарио: Ксавиер де Шодан (Xavier de Choudens)

Улоги: Франк Гастамбид, Мелиса Созен, Гринж (Franck Gastambide, Melisa Sözen, Gringe)

Демиен работи во основно училиште и води тивок живот. За да ги спаси Бахзад, еден од неговите млади студенти, и неговата мајка, од скорешно протерување од земјата бидејќи се емигранти, Дамјан повторно се поврзува со милитантното минато на неговите родители и ја убедува неговата сестра Мелани – која во меѓувреме станала успешна деловна адвокатка – нејзината најдобра пријателка Руди и еден куп други ликови да го потпомогнат во неговата нова битка за опстанок. Солидаризирајќи се меѓусебно, тие ќе го прекршат законот и нивните очекувања многу бргу ќе бидат надминати…

ДЕМИЕН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ беше прикажан во официјалната конкуренција на фестивалот во Истанбул 2019 година.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

8 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

9 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

10 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

23 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

24 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18.00 ч.

25 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18.00 ч.

ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ

(Ascenceur pour l’echafaud / Elevator to the Gallows)

Игран филм, Франција

1958, 91 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Луј Мал (Louis Malle)

Сценарио: Роже Нимие, Луј Мал (Roger Nimier, Louis Malle)

Улоги: Жана Моро, Морис Роне, Жорж Пужоли, Јори Бертан, Жан Вал (Jeanne Moreau, Maurice Ronet, Georges Poujouly, Yori Bertin, Jean Wall)

Снимен според романот на Ноел Калеф (Noël Calef), ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ го следи успешниот париски деловен човек Жилиен Таверние, бивш воен падобранец и ветеран од војните во Индокина и Алжир. Тој подолго време е во љубовна врска со елегантната Флоренс, сопруга на Симон, шефот на Жилиен. Не сакајќи веќе да се кријат, Жилиен и Флоренс коваат план за убиство на Симон. Иако нивниот план им се чини совршен, по убиството на Симон работите се комплицираат. Жилиен заборавил да ги скрие трагите, па оди во канцеларијата на Симон, но ќе остане заробен во лифтот кој не може да проработи дури следното утро. Флоренс нестрпливо го чека, а во меѓувреме еден млад пар ќе им му украде автомобилот на Жилиен, со кој ќе сторат злосторство, за кое ќе биде обвинет Жилиен затоа што е сопственик на автомобилот…

ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ е добитник на националната филмска награда на Франција „Луј Делик“ за најдобар дебитантски филм и ќе стане култна крими драма што ќе ја прослави Жана Моро. Луј Мал (1932-1995) подоцна ќе биде еден од заштитните знаци на францускиот нов бран и ќе снима во САД. Остана запаметен по контроверзните наслови ЉУБОВНИЦИ (Les Amants, 1958), ДОГЛЕДАЊЕ ДЕЦА (Au revoir les enfants, 1987), СТРАСТ (Damage, 1992), ВУЈКО ВАЊА ОД 42. УЛИЦА (Vanya on 42nd Street, 1994)…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

Косовската кинематографија последниве години изнедри неколку одлични автор(к)и, а меѓу нив секако е и Блерта Башоли со УЛИШТЕ, во кој продукциски учествува и Македонија. Нејзината социјална драма за премрежијата низ кои минува главната хероина, доби три награди на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД 2021 и е косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.

8 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

9 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

10 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

15 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

16 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

28 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

УЛИШТЕ

(Hive)

Игран филм, Косово / Македонија / Чешка / Луксембург / Албанија

2021, 84 мин., колор, ДЦП

Режија: Блерта Башоли (Blerta Basholli)

Сценарио: Блерта Башоли (Blerta Basholli)

Улоги: Јилка Гаши, Чун Лајчи, Аурита Агуши, Кумрије Хоџа, Адриана Матоши (Yllka Gashi, Çun Lajçi, Aurita Agushi, Kumrije Hoxha, Adriana Matoshi)

Фахрије е жена чиј сопруг e исчезнат уште од војната во Косово. Таа започнува мал земјоделски бизнис за да го прехрани своето семејство во традиционалното патријархално опкружување каде на нејзината амбиција да биде еманципирана не се гледа како на позитивна работа. Нејзиниот потфат започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште, кои се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своето патување да се помири со пчелите, таа започнува да прави мир и со самата себе, за да може да живее и да се зајакне во новата ситуација за да се соочи со многу непријателска реалност… Филмот се базира на вистинска приказна.

УЛИШТЕ е дебитантски филм на авторката Башоли и е трикратен добитник на награда на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД годинава, како и официјален косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

Популарниот актер Виго Мортенсен, со неговиот наградуван авторски филм ОПАЃАЊЕ ја загатнува темата на семејните односи меѓу стариот конзервативен татко и неговите либерални деца, сега веќе возрасни луѓе.

14 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

15 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

ОПАЃАЊЕ

(Falling)

Игран филм, В. Британија, Канада, САД

2020, 112 мин., колор, ДЦП

Режија: Виго Мортенсен (Viggo Mortensen)

Сценарио: Виго Мортенсен (Viggo Mortensen)

Улоги: Виго Мортенсен, Сверир Гуднасон, Ланс Хенриксен, Тери Чен (Viggo Mortensen, Sverrir Gudnason, Lance Henriksen, Terry Chen)

Џон живее со неговиот партнер-сопруг Ерик во Калифорнија, далеку од руралниот живот кој го оставил зад себе со години наназад. Неговиот татко Вилис, пак, е конзервативен тврдоглав човек, живее сам на изолирана фарма каде пораснал Џон. Здравјето на Вилис е нарушено и Џон го носи на Запад, надевајќи се дека тој и сестра му ќе му помогнат на нивниот татко да најде дом поблиску до нив. Нивните најдобри намери завршуваат во ќорсокак откако нивниот татко луто одбива промена на животот на било каков начин…

Авторскиот проект ОПАЃАЊЕ на познатиот актер Виго Мортенсен ја освои награди на фестивалот во Сан Себастијан (Шпанија), наградата на CinEuphoria за најдобри споредни улоги (Хенриксен и Гуднасон), и наградата за монтажа на канадското здружение на режисери, а забележа номинации за Европската филмска награда, шпанските национални награди „Гоја“, Canadian Screen Award…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

Кинотечната програма во февруари репризира неколку наслови од европските продукции кои го завреднуваат вниманието на филмофилите, како и филмовите на Ањешка Холанд (Agnieszka Holland), Јан Матушински (Jan P. Matuszynski), Јан Комаса (Jan Komasa), Малгоржата Шумовска (Malgorzata Szumowska) и Томаж Василевски (Tomasz Wasilewski) од успешната НЕДЕЛА НА ПОЛСКИ ФИЛМ што се одржа во декември.

Целата програма на следниов линк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.