Трета вечер од програмата „Планински филм на ридот“ која Кино МСУ ја реализира во соработка со ЕХО- Фестивалот на планински филм, ќе се одржи утре (четврток, 21 април) со почеток во 19 часот во џебното кино на Музејот на современа уметност.
Посетителите ќе имаат можност да проследат проекции на два филма: „Спелеонаут / Под каменото небо“ на режисерката Соња Џекиќ од Србија и „Слобода под товар“ на Павол Барабш од Словачка.
„Спелеонаут / Под каменото небо“ раскажува приказна за 34-годишниот Милутин Вељковиќ, кој во предвечерјето на човековото освојување на Месечината, во летото 1969-та година, започна со неговиот планиран 15-месечен престој во 2-километарска пештера во Србија. Вељковиќ не беше заинтересиран само во тоа да го надмине рекордот за најдолг престој во пештера до тогаш, туку воопшто – да навлезе во универзумот на длабочината.
Овој неверојатен потфат се открива од надворешниот свет, преку серија портрети од интересни карактери, кои се поврзани со Вељковиќ. И така неочекувано, влегуваме во подземиот свет. Различните раскажани фрагменти од деталниот дневник на Вељковиќ се враќаат во живот: од неговите секојдневни активности, како правење кафе и собирање инсекти, па се’ до драматични моменти како вадење на сопствен заб, размислување за жени, борење со поплави и халуцинации… Од поврзувањето со предците од праисторијата во дезинтегрирани време и простор, се’ до истражувањето на вселената – Спелеонаут е во потрага по нашата цел, се вели во најавата за филмот.
За „Слобода под товар“, пак, најавата стои:
Со стотина килограми на своите грбови, тие се соочуваат со невремиња, олуи и длабок снег. Нивната умешност не е само професија, туку и нивен сопствен начин да најдат мир. Во овој документарец, ќе имаме можност да се запознаеме со најстарата генерација на носачи во Високите Татри, кои со товар се качуваат по планините и вршат достава на разни потребштини за домовите секој ден. Ќе откриеме зошто го одбрале овој начин на живот и зошто останале „последни Мохиканци“ на европскиот континент. А можеби ќе откриеме нешто и за својот товар во животот…“.
Проекциите се организираат во соогласност со актуелните КОВИД протоколи.
Капацитет на киното е за 60 луѓе. Влезот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.