Претставата „Отело“ на режисерката Оксана Дмитриева од Украина, работена по текстот на Вилијам Шекспир вечерва го затвора фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје во 20 часот. Претставата е копродукција на театарот Улисис од  Хрватска и Сарајевски ратни театар од Босна и Херцеговина.

На прес конференцијата за претставата актерската екипа говореше за процесот на создавање на истата, за безвременоста на текстот на Отело и пост трауматскиот синдром на луѓето што биле учесници во воените дејствија. Тоа што регионот и Сараево го преживеаја во деведесеттите, Киев во изминатата година, а овие денови го преживуваат луѓето во Израел и појасот Газа е стравотно и остава далекусежни трауми на повеќе генерации.

Актерската екипа ја истакна благодарноста за соработката со режисерката Оксана Дмитриева и нејзиниот тим од Украина. Нивна трајна придобивка е можноста да се запознаат со поинаква театарска школа и да дадат свој придонес во испреплетувањето на различни културолошки влијанија во самиот процес на подготовка на претставата.

Премиерата на претставата беше на Бриони во јули каде што се играла неколкупати и по сараевската премиера, вечерва во Скопје „Отело“ ќе биде изведена на затворањето на  фестивалот РУТА.

Фестивалската публика на годинешнава РУТА имаше можност да проследи шест претстави на ансамблите членки на РУТА и неколку театарски копродукции што го збогати фестивалот и поврзувањето на театарските куќи во регионот.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.