Со изведба на претставата „Одења и слични кореографски решенија“ во режија и кореографија на Филип Петковски, вечер во 20 часот на малата сцена во Националната опера и балет завршува 19-тото издание на фестивалот „Танц фест“.

Во претставата учествуваат Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Сара Цветковска, Давид Николовски и Борјан Ристовски. Музиката е на Давид Николовски, Виктор Филиповски, Горјан Стојменовски и Сашко Костов, а костимите ги изработи Антонија Гугинска Јорданоска.

Режисерот и кореограф Петковски за претставата вели дека е инспириран од бројни теоретизации за концептот кореографија, во шест слики, и  критички и телесно го преиспитува процесот на создавање  кореографија, користејќи го одењето како најбазично движење на човекот.

-Служејќи се со ритмика, физички театар и танц, претставата упатува критика кон потребата за спектакл заснован на комплексен танцов вокабулар и напорен тренинг за танцот да биде промулгиран и сметан за висока уметност, вели режисерот.

Филип Петковски е кореограф, режисер и доктор на науки по културолошки студии и изведбени уметности. До 2020 година работел како асистент на Катедрата за светска уметност, култура и танц на УКЛА, a режирал девет театарски претстави во земјава, Норвешка и САД.

Пред почетокот на претставата „Одења и слични кореографски решенија“, по повод Светскиот ден на танцот – 29 Април, ќе биде прочитана македонската порака што годинава ја напиша Александар Георгиев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.