Човечкото секојдневие, искушенијата и предизвиците со кои се соочува поединецот во животниот вртлог на овие простори и неизвесноста пред кои е исправен, тоа се темите што ги третира најновата драмска поставка „Кумови“ на Охридскиот народен театар.
Станува збор за претстава работена според текст на Душан Ковачевиќ, во режија на Билге Емин, што актерската екипа на Народниот театар од Охрид премиерно ќе ја изведе на матичната сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, в недела на 20 октомври.
Режисерката на поставката, Билге Емин, на денешната прес-конференција по повод премиерата посочи дека ова и е прва соработка со охридскиот театар.
Работам со прекрасна актерска екипа, процесот траеше 45 дена и за мене беше многу убав. Најубавата тематска основа за нашиот човек во просторот е кучешкиот живот во кој првата причина е немањето работа, вели режисерката Емин.
Директорот на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Горан Стојаноски рече дека самата претстава, како и театарот воопшто, има за цел да го задржи континуитетот на театарот и да направи нешто што е важно за културата во Охрид и во државата.
Феноменологијата на театарот е тоа да испровоцира емоции кои не се секојдневни. Затоа и постои и има интеракција со живи битија на лице место. Затоа со сета сила се трудиме, поголемиот дел од нашата публика да ја внесеме внатре и да се вратиме на нешто што не би смеело да изумре, а тоа е вистинската комуникација очи в очи, посочи Стојаноски.
За актерот Никола Тодороски, претставата е деликатна комедија каква, како што рече, досега немало на репертоарот на Охридскиот театар, без притоа да навлезе во поединости за самата претстава, на тој начин провоцирајќи ја публиката да дојде и да ја проследи.
За актерката Адријана Билаловиќ-Тодороска, текстот на претставата носи многу суптилен хумор, загадочни моменти за кои верува дека ќе го задржи вниманието на публиката.
Актерката Елизабета Стефановска Јандреовска од своја страна посочи дека екипата на Охридскиот театар е доволно зрела да работи на посмели приказни, каква што носи текстот на „Кумови“.
Ја нарековме црна комедија. Авторот на текстот на генијален и многу лесно-комичен начин раскажува многу болни и сурови теми, болни и сурови вистини кои верувам ќе стигнат до публиката и ќе испровоцираат кај неа тоа што испровоцира и кај нас. Има една многу важна реплика која вели ‘Човек на улица без работа и леб, тој не е човек тој е куче’. И преку комична ситуација зборува за една многу страшна вистина, вели Стефановска Јандреовска.
Во претставата покрај Адријана Билаловиќ Тодороска, Никола Тодороски и Елизабета Стефановска Јандреовска, играат и актерите Стрезо Стаматовски и Ивица Цонев.
Преводот и драматургијата се на Кристина Тодороска-Петреска, сценографијата на Татјана Христоска-Блажевска, додека костимографијата на Марија Пупуческа.
Претпремиерата е закажана за 19 октомври со почеток во 20 часот, со цена на билетот 300 денари. За премиерата цената на билетот е 400 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.