Победничката претстава на фестивалот МОТ 2023, во селекција на независна продукција со награда „БИШ“, „Кенди“, вечер ќе биде изведена на малата сцена од Драмскиот театар Скопје.
Претставата е во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје. Таа е во продукција на независниот театар „Златен Елец“, во која играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.
Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од нарко зависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нивното заминување во пеколот на наркоманијата…, вели во образложението за наградата, тричленото жири на фестивалот.
Во месец мај минатата година, претставата ја освои и наградата „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино, за актерите Бобан и Лео, за најдобра партнерска игра.
Ова ќе биде осма изведба на претставата и првпат после фестивалот МОТ. Од театарот информираат дека изведби ќе има и понатаму во Скопје, низ државата но и надвор од границите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.