Со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција, во Центарот за култура во Битола официјално е отворено 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Како што јави известувачот за МИА од Битола, Фестивалот годинава е под мотото „Прекрасното непознато“, а најавено е присуство на 400 гости.
За време на свеченоста, на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу му беше врачена наградата Златна камера 300 за животен опус.
Филмот „Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.
На Фестивалот, што ќе се одржи до 29 септември, ќе бидат прикажани повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми.
Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.
Актерката и продуцентка Лабина Митевска е годинашна добитничка на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ – награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.