Вечерва на сцената на Народен театар Битола премиерно ќе биде прикажана претставата „Татко на татковината“, која е адаптација на „Кралот Иби“ од Алфред Жари, во режија на Иван Пеновиќ.
Главната улога ја толкува Никола Пројчевски, а уште играат и Викторија Степановска-Јанкуловска, Мартин Мирчевски, Марјан Ѓоргиевски, Сандра Грибовска-Илиевска, Никола Стефанов, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Петар Горко, Соња Ошавкова, Филип Мирчевски и Иван Јерчиќ.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата – на Благој Мицевски, музиката е на Филип Триплат и Карло Мркша, а преводот од хрватски јазик го направи Сузана Брезовец.
„Татко на татковината” е адаптација на култната драма на Алфред Жари, која дејствието на драмата, позната на нашите простори, го сместува во механизмот на телевизиски програм, кој пак е поставен на театарските штици. Оваа претстава во претстава ги доведува во судар двата света, оној отворено фиктивниот и оној што се преправа дека не е тоа. Во таа хаотична средба гледаме приказна што речиси со детски јазик ги отвора прашањата за идентитетот, како индивидуалниот, така и колективниот. Мама и Тато Иби го покренуваат дејствието во оваа претстава преку незаситното барање внимание, поставувајќи го чувството за припадност како основа во формирањето цврст идентитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.