„Повторното обединување на двете Кореи“ од Жоел Поерат, во режија на Јуш Зидар е нов проект НУ Народен театар-Битола чија премиера е закажана за утревечер во 20 часот.
Младиот словенечки режисер првпат гостува во Битола, а најчесто работи со театрите во Љубљана, Марибор и Цеље. На сцената Зидар постави провокативна драма што ја истражува комплексноста на љубовта, врските и човечките емоции низ впечатливи и вознемирувачки сцени.
На текстот му пристапивме крајно лично. Ние не изведуваме луѓе од високата француска буржоаска класа, тоа не е театар на ликови, туку за разоткривање на човечката несигурност, за потрага по делумни вистини во фрагментиран свет. Претставата е емотивно патување во длабочините на човечката интимност и потрагата по љубовта како вертикала која му дава смисла на краткото време од нашиот земен живот. Тоа е шоу што го остава отворен просторот на надворешната сценска слика да се доврши во имагинацијата на гледачот, посочи режисерот Зидар на денешната прес-конференција.
Во претставата настапуваат актерките Викторија Степановска Јанкуловска и Валентина Грамосли, како и актерите Никола Стефанов и Иван Јерчиќ.
Сметам дека направивме една нежна, суптилна претстава која на еден ненаметлив начин ја кани публиката да партиципира во создавањето на комплетната слика, доживување и реобмислување на сопствените чувства, стравови, живот…Оваа претстава ја доживувам како светло кое на дискретен начин од под затворена врата, продира од просцениумот кон публиката и која се надевам ќе разбуди силни чувства, истакна Јерчиќ.
„Повторното обединување на двете Кореи“ е петта премиерна претстава на битолскиот театар во 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.