Премиерата на монодрамата „Сите најубави нешта” работена според мотиви на Данкан
МекМилан, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на популарниот македонски актер Игор
Ангелов закажана е на 1 октомври во Центар – Јадро.
Оригиналниот наслов на монодрамата е „Every Brilliant Thing“ , а приказната е за менталното
здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за
механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на
растењето и на животот како возрасни. Заснована на вистинити и невистинити случки, оваа
монодрама потенцира колку е важно да остане надежта во фокусот и колку најмалите нешта на
животниот список се причина за радување.
Се работи за посебно интимно театарско искуство во кое публиката добива задачи и е активно вклучена од моментот на влегување во просторот за изведба. За време на „Сите најубави нешта” гледачите се смеат и плачат, непријатно им е и се збунети, се радуваат и препознаваат и се поттикнати да размислуваат за значењето на среќата и животот. Од претставата излегувате со чувство на благодарност и олеснување. Вистинска катарза, вели Игор Ангелов.
Претставата доби прва награда од публика на 25. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама што се одржа 21-25 мај 2024 во Битола.
Влезниците за премиерата се веќе распродадени, а следните изведби се закажани на 4, 14 и 29 октомври во Центар – Јадро со почеток во 20.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.