Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва во 20 часот театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, костимите, светлото и автор на плакатот е Благој Мицевски, а музиката е на Томе Темелкоски.

Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.

Бура (1611) обично се смета за последната драма на Шекспир. Имал удел и во следни соработки, но ова е неговото последно напишано дело. Во него, волшебникот Просперо – поранешен војвода од Милано, живее на пуст остров со својата млада ќерка Миранда, со робот Калибан и со духот-помошник Ариел. Кога неговиот брат, предавникот Антонио плови во близина на островот, Просперо предизвикува бура во која Антонио преживува бродолом заедно со Алонзо – кралот на Неапол, синот на Алонзо – Фердинанд, братот Себастијан, советникот Гонзало, шутот Тринкуло и служителот Стефано. Фердинанд, за кого мислат дека е мртов, ја запознава Миранда и се вљубува во неа…

Решисерпт Блоднел вели дека не знае ниту една друга драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот.

– Ако имаме среќа да живееме доволно долго, преживуваме бури – се вљубуваме, изневеруваме или сме изневерени, вршиме или трпиме насилство, се смееме со пријателите… Бурата го содржи сево ова и уште повеќе. Тоа е прекрасно. Претставата е филозофија на животот, барем Шекспир ја понудува како таква преку неговото алтер его – волшебникот Просперо. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надевам дека ќе уживате – вели Џон Блондел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.