Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со директорката на Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, го посети Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, каде што оствари средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски.
Посетата е по повод продолжувањето на прекуграничната соработка со Албанија во рамките на програмата ИПА со проектот ,,Смарт4Ју2“, чија цел е да ги афирмира културните вредности што ги поседува регионот и да ги развие туристичките потенцијали на општините Битола, Пустец и Корча.
Преку соработка во културата, ја зајакнуваме врската со нашинците во Преспа. Успешната реализација на заедничките проекти носи придобивки за граѓаните од двете страни на границата. Културата и културното наследство даваат идентитетско значење на луѓето од овој регион, а од економски аспект, претставуваат значаен туристички потенцијал“, рече на средбата министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
На средбата со градоначалникот на Општина Пустец, Колефски, беше потврдена обостраната заложба за зачувување на нашето културно наследство бидејќи, како што кажа Костадиновска-Стојчевска, тоа значи зачувување и на нашиот културен и национален идентитет.
Kолефски ги најави новите планови и активности во Глобочани, а беа разменети идеи за нови проекти за унапредување на соработката преку културната размена и промоција на туристичкиот потенцијал на овој регион, со цел подобрување на економскиот развој и животниот стандард на граѓаните што живеат во Преспа.
Од страна на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска беше посочено дека Министерството за култура, преку традиционалната поддршка на манифестацијата „Македонско културно лето во Пустец и во Корча“, останува партнер во заедничките заложби за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион.
Директорката на Заводот и музеј од Битола, Мери Стојанова, потврди дека продолжуваат активностите што се планирани за наредниот период, за искористување на ЕУ–можностите за развој на културата и заштитата на културното наследство, и укажа на нови можности за соработка со општините Пустец и Корча.
Проектот „SMART4YOU2“, кој е поддржан од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, има буџет во вкупен износ од милион и двесте илјади евра европски неповратни средства за развивање на културните и туристичките потенцијали на прекуграничниот регион.
Во рамките на еднодневната посета, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска ќе оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.