Извонредни македонски уметници соединети во камерниот ансамбл „Профундис“ вчеравечер одржаа концерт пред бројната публиката на фестивалот „Охридско лето“. Солисти на вечерта беа виолинистите Анна Кондратенко и Владимир Костов, како и Петар Макариевски кој музицираше на препарирано пијано.
Прекрасната вечер под сводовите на акустичната црква „Света Софија“ ја диригираше маестра Ѓурѓица Дашиќ која е уметнички раководител и диригент, но и идеен творец на овој камерен состав.
Камерниот ансамбл „Профундис“ е исклучителен ансамбл составен од високи професионалци, концерт-мајстори и водачи од двата национални оркестри во Македонија, Националната опера и балет и Националната филхармонија. Задоволството да се работи со нив е исклучително, а уметничката креација е секогаш на ниво, вели Дашиќ.
За вчерашниот репертоар на „Охридско лето“ беа одбрани дела од железниот репетоар.
Репертоарот беше исклучителен, составен од две дела од железниот репертоар, „Камерната симфонија“ од Шостакович и „Табула раса за две виолини, препарирано пијано и гудачки оркестар“ од Алво Перт. Втората композиција е особено дело и за првпат изведувано во Македонија. Препарирано пијано значи видоизменето пијано со звук на камбана, појасни маестра Дашиќ.
Според неа, оваа недела за уметниците од „Профундис“ претставува недела на уметничка креација бидејќи за два дена ќе имаат мини-турнеја во Италија. Во октомври пак, ќе одржат концерт во Белград заедно со Белградскиот камерен оркестар.
Камерниот оркестар „Профундис“ постои веќе три години и неговите цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат дел од најистакнатите македонски инструменталисти кои се дел од двата професионални оркестри во Р. Македонија , Националната опера и балет и Националната филхармонија. Покрај класичниот репертоар, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развојот и на други начини на презентација како на пример дигитални концерти и употреба на нови технологии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.