„Invitation au voyage“ (Покана за патување), емисија на познатиот француски телевизиски канал TVArte посветен на културата, каде се претставуваат различни земји во светот, преку истакнати личности, овој пат избра да ги претстави Скопје и Охридското Езеро, преку творештвото и личноста на писателот Луан Старова.

Како што вели модераторката во почетокот „Тоа е приказна за езерото и за човекот. Охридското Езеро, најстарото во Европа и човекот, Луан Старова. Човекот кој е роден од едната страна на езерото, во Албанија, а живеел од другата страна, во Македонија. Приказна за егзилот и мостовите меѓу народите. Балканската сага што Луан Старова ја изгради во текот на три децении пишување, е преведена на повеќе од дваесет јазици“.

Аријан Лека, писател и поет вели дека на еден Европеец, читањето на делата на Луан Старова му овозможува подобро да го разбере Балканот.

За еден Балканец, без разлика дали е Албанец, Македонец, Босанец или Србин, читањето на делата на Луан Старова е клучот за надминување на стереотипите, за величење на вредностите што нè обединуваат и за разбирање на сето она што можеме да ѝ го понудиме на Европа – појаснува Лека.

Лека потенцира дека тој самиот е човекот-граница, кој се бореше за бришење на границите.

Тој е имигрантот кој го прифатил прогонот, кој се помирил со своите две внатрешни состојби, онаа на домородниот и онаа на странецот. Секогаш се обидуваше, длабоко во себе, да биде и да го разбере другиот. Како човек, Луан Старова го споредувам со ова езеро. Струите кои го движат се внатрешни, скриени под неподвижната површина, така што не можеме да го почувствуваме и да го сфатиме неговиот гнев, а тој самиот прави сè што е во негова моќ да ги контролира своите внатрешни рани. Но, како писател, Луан Старова го гледам како оваа река, која тече со сета своја моќ, создавајќи голема, извонредна литература, која потекнува од тука и која се влева во сите јазици на континентот – потенцира Лека.

Влада Урошевиќ, писател и академик, појаснува дека во своите романи Луан го следи потеклото на неговото семејство.

Силата на неговата порака е дека и покрај сите уништувања, војни, периоди на пропаст, постојат и убави нешта кои се случуваат и преживуваат. Тоа се книгите. Луан Старова живееше во куќа, на неколку чекори од тука, покрај реката Вардар. Секој ден шетал по овие брегови. За него реката Вардар не претставуваше линија на поделба. Напротив, тоа беше сила која ги обединува двата брега и која симболично ги поврзува народите што живеат во Македонија. Овде сме на скопската тврдина, што ја викаме Кале. Многу е блиску до местото каде што живееше татко ми. Тоа е од другата страна на реката. Живееја токму од другата страна. Тврдината му беше многу важна. Затоа што како деца доаѓале да играат овде – вели Урошевиќ.

Луан Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а од 1943 година семејството се преселило во Струга, во Тетово и од 1945 година во Скопје. Основно образование завршил во „Гоце Делчев“ во Скопје, а гимназија во „Јосип Броз Тито“. Потоа студирал француски јазик и книжевност. За време на студиите работел како новинар, и како главен и одговорен уредник на весникот „Млад борец“. По дипломирањето, во 1967 година, се вработил во Радио Скопје како новинар, а наредната година станал главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје.

Постдипломски студии учел во Загреб, каде ја одбранил магистерскиот труд „Балканот во прозата на Гијом Аполинер“. На специјалистички студии бил во Париз. Во 1974 година бил избран за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата француски јазик и книжевност. Во 1978 година во Загреб ја одбранил докторската дисертација.

Во 1979 година бил избран за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, и член на редакцијата на меѓународното списание „Балкан – Форум“.

Во 1985 година бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1990 година бил избран за редовен професор по предметот француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подоцна и за шеф на катедрата на романски јазици и книжевности.

Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Бил редовен член на МАНУ од 2003 година.

Луан Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: наградата „Крсте Мисирков“ за публицистика, наградата „11 Ноември“ на Скопје, републичката награда „11 Октомври“, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ за роман на годината, Рациновото признание во 2007 година за „Потрага по еден Лејбовиц“, а добитник е и на државната награда „Св. Климент Охридски“, и други. На 19 јуни 2003 година бил прогласен за почесен граѓанин на Поградец, а од 2006 година е почесен член на Албанската академија на науките. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“. На 28 април 2015 година на Старова му била врачена наградата „Роман на годината“ што ја доделува „Утрински весник“. Наградата му била доделена за романот „Балканвавилонци“, објавена од МАНУ.

Почина на 24 февруари 2022 година во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.