Од денеска до 23 јули 2024 (до 15.30 часот) е отворен јавниот повик на Општина Битола за учество во програмата на годинашното, 16-то битолско културно лето – „Бит фест 2024“.

Повикот е за кофинансирање манифестации и проекти од областа на културата: музичка и музичко-сценска уметност; театар; ликовна уметност; видео, фото, филмска уметност; литература; фолклор; нови уметности; мултидисциплинарни проекти.

Како што соопшти Општина Битола, предвиден е вкупен износ од еден милион денари, а aктивностите треба да бидат реализирани заклучно со 31 август 2024.

-Право на учество на јавниот повик имаат сите заинтересирани субјекти, физички лица, правни лица, здруженија на граѓани, владини организации и јавни установи од областа на културата (со седиште во Општина Битола). Ако апликантот е со седиште во друга општина, проектот/активноста треба да биде одржана на територија на општина Битола. Со цел поддршка и промоција на културните настани и дисперзија на случувањата на различни локации во Општината, приоритет ќе имаат  манифестации и предлог настаните кои ќе се одржат на алтернативен простор, соодветно на комплетноста на апликационата форма, наведува Општина Битола во повикот на кој заинтересираните може да се пријават во наредните шест дена.

Општината посочува дека организаторите на културните настани и манифестации кои се дел од програмата за култура, усвоена од Советот на општина Битола, немаат право да аплицираат на овој повик, а нивните манифестации ќе бидат дел од програмата на „Бит фест 2024“.

Повеќе информации за јавниот повик и документацијата за аплицирање се достапни на линкот www.bitola.gov.mk/bitfest-2024/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.