Во присуство на бројни експерти од историската и политичката наука, пријатели и љубители на македонската историја во Музејот на македонската борба беше промовирана книгата „Македонскиот идентитет и македонското прашање од античко време до 1912 година“. Се работи за капитално дело за македонската историографија, а автори се проф. д-р Ванчо Стојчев и проф. д-р Александар Стојчев. Промотори на ова постхумно дело на двајцата починати автори, беа проф. д-р Наде Проева и проф. д-р Тодор Чепреганов кои воедно се и уредници на ова издание.
На промоцијата тие го истакнаа значењето на ова дело за македонската историја и за македонската држава и нејзината иднина. Материјалот на книгата првично бил наменет како дел од монографијата „Букурешкиот договор и поделбата на Македонија 2013 година“, но по сугестија на рецензентите било одлучено овој материјал да добие посебно издание. Уредниците проф. д-р Проева, проф. д-р Чепреганов го промовираа материјалот кој го опфаќа формирањето на македонскиот идентитет од античкиот период па се до почетокот на Балканските војни и распадот на Отоманската империја. Во делото кое се базира на научни истражувања и вкрстени докази презентирани се многу материјали кои се исклучително значајни за македонската национална историја. Покрај тоа делото дава хронолошки приказ на развојот на македонскиот идентитет и дава одговор на многу современи прашања поврзани со македонското национално прашање.
Проф. д-р Ванче Стојчев беше еден од основачите на првиот Воен музеј на Македонија. Тој е еден од најплодните македонски научници во историските науки, а особено значен е неговиот опус во сегментот на македонската воена историја. Автор е на 213 научни трудови и монографии, од кои особено се значајни „Воената историја на Македонија“, „Историја на Македонскиот народ“ и „Сто македонски години 1903-2003“. Покрај тоа проф. д-р Ванче Стојчев е автор и на бројни документарни филмови меѓу кои и документарниот филм „Црешовото топче“, едно од поважните негови научни откритија, имено тој го пронајде „црешовото топче“ во музеј во Истанбул република Турција. Проф. д-р Ванче Стојчев почина по кусо боледување на 30.09.2009.
Проф. д-р Александар Стојчев, беше раководител на Воениот музеј во Скопје, а се занимаваше и со научно, истражувачка и музејска дејност. Во 2009 година беше избран за помлад асистент на Воената Академија Михајло Апостолски, по предметот Воена историја, а во 2010 година станува доцент. Во 2012 година е избран за наставник по предметите „Балканските војни и Првата светска војна на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Следната година 2013 година е избран за вонреден професор по воена историја на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови и монографии меѓу кои „Македонија во документите на ЦИА“ том 1 и 2 објавена 2019 година, „Дојран воени операции 1915 – 1918 година, објавена 2007 година и бројни научни и стручни трудови. Проф. д-р Александар Стојчев почина во 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.