Со претставата „Последниот балкански вампир“, според текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски, Српското народно позориште и Центарот за развој на визуелната култура од Нови Сад, вечерва во 20 часот ќе биде затворен 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Новата претстава, која имаше премиера пред еден месец во Нови Сад со нетрпение ја очекува фестивалската публика, а ќе се игра во чест на наградените театарски уметници. Наградите ќе бидат соопштени денеска на пладне, на прес конференција, а жирито е во состав: Јанко Љумовиќ, продуцент и професор на Факултет за драмски уметности од Црна Гора, Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, двајцата менаџери на театри во Србија.

Преведувач од македонски јазик на текстот е Вера Василиќ, драматург – Николина Ѓукановиќ, сценографијата е на Александар Поповски и Жељко Пишкориќ, а костимите – на Миа Поповска. Музиката е на нашиот композитор Марјан Неќак, а кореографијата – на Сташа Зуровац. Улогите ги толкуваат: Тања Пјевац, Ненад Пеќинар, Милован Филиповиќ, Марко Марковиќ, Игор Павловиќ, Милорад Капор, Душан Јакишиќ, Бранислав Јерковиќ Вишња Обрадовиќ, Јована Балашевиќ и Јована Стипиќ-Радошевиќ.

Кога прв пат правев претстава на тема Дракула и вампири, судбината ме спои со човек роден во местото во кое е роден и Влад Цепеш, попознат како Дракула. Човекот ми го покажа портретот на Влад Цепеш и гордо ми го покажа својот профил. Тоа беше истата личност. Побарав да ми раскаже сѐ за вампирите. На тоа, тој скокна и почна да ме навредува, дека не знам ништо, дека Романија никогаш немала вампири и дека Влад бил голем владетел и човек. Подоцна дознав дека бил во право, Романија нема вампир во својата митологија, а го добила благодарение на Брам Стокер кој својот роман, што на почетокот се викал Гроф Вампир, подоцна го менува во Гроф Дракула поради записи кои ги нашол поврзани со Влад Цепеш. Но… ние имаме вампири. Тромеѓата меѓу Македонија, Србија и Бугарија во своите митови и народни преданија содржи приказни за вампири. Нашите вампири се малку поинакви од оној класичниот. Тие пеат и танцуваат по крововите и серат низ оџаците, и спијат со стоката… Кај Марко Цепенков постои приказна за познатиот ловец на вампири од Прилеп. Неговото име е Курта и тој, како што вели легендата, настанал од повампирен татко – вели Дуковски.

Важна книга за значењето на Коле Чашуле за македонската култура беше промовирана вчера на претстпоследниот ден од фестивалот. Станува збор за „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска, издание што го помогнаа Факултетот за драмски уметности, издавачката куќа „Арс Ламина“ и делумно Министерството за култура.

Театролошка, научно втемелена, лесно читлива и во секоја смисла компактна книга која ги опфаќа сите аспекти на театрологијата. Ова е за почит, оцени театрологот Јелена Лужина на промоцијата на книгата „Чашуле: Приказнувачот“ од театрологот Ана Стојаноска, како дел од програмата „Автор во фокус“.

Книгата има нагласено емотивен однос, кој на таа научност не ѝ пречи, туку ѝ додава дополнителни валери, рече Лужина ,која додавајќи и своја емотивност, го спомена своето сеќавање од првиот контакт со Стојаноска кога Лужина ја оформувала новата класа магистранти.
– Разговарав со секој кандидат. Се појавува една црнокоса девојка, сигурна во себе. Ја прашувам: „Дали навистина сакате овде да бидете?“, а таа дрско ми одговори: „Да, се разбира!“ Така почнаа сите приказни, кои нема догледно да завршат. Во сето ова постои и еден приказнувач. Коле Чашуле, рече Лужина на промоцијата, напоменувајќи дека Чашуле на Стојаноска секојдневно, од првата нивна средба ѝ давал задачи како да пишува.

– Беше логично Ана еден ден да ја направи оваа книга. Ја направи во една хибридна форма. Тоа е и не е монографија. На тие црни страници во средината на книгата, тоа е чиста театрологија. Егзактна наука со факти. А белите страници се хибриден жанр. Во книгата се толкуваат два клучни момента во македонската театрологија. Првиот е со „Вејка на ветрот“, зашто оттука тргнува модернизмот во македонската драмска литература. Македонскиот модернизам тргна од Прилеп. Втората фаза е 1961 година со пиесата на Чашуле „Црнила“. Тоа беше најава на постдрамската историја. „Црнила“ беше првата претстава која доби награда надвор од Македонија (во 1962 година на „Стериино позорје“). Стојаноска од безбедна дистанца ги толкува тие сериозни поместувања како што треба да се толкуваат денес. Ова е исклучително ретко дело какво што досега немавме во македонската театролошка литература, а можеби и воопшто во литературата, хибридно по својата содржина, темелно испишано и направено, дело кое може да се преведе на кој било јазик и да добие највисоки награди, рече театрологот Јелена Лужина и сопруга на писателот и драмскиот автор Коле Чашуле.

Авторката Ана Стојаноска нагласи дека 14 години сакала да ја напише книгата, а емотивноста била неминовна.

Тој беше мојот втор татко. Имав двајца татковци и тие не се со мене. Среќна сум и благодарна што ги имав. Сакав да направам книга која ќе спои неколку различни работи: ќе го спои моето сеќавање за него преку моја театролошка анализа, со една книжевна анализа на крајот, зашто сметам дека еден дел од неговото прозно творештво не е доволно добро обработено во македонската книжевна наука. Оваа книга има неколку различни страни и една од најважните ми е што излезе онака како што ја замислив. Во средишниот дел, на црна хартија со бели букви, е реконструкцијата на „Црнила ремикс“, една од најважните претстави што ни се случи во последниве години во македонскиот театар, објасни Стојаноска.

За авторката, во „Црнила ремикст“ пиесата на Чашуле е протолкувана на најсуштествен начин.

Додека се промовира книгата ја слушате музиката на Дарко Димитриовски која ја направи за „Црнила ремикс“. Во тој период немав театролошки предизвик, беше некој летаргичен период. Се’ додека во 2018 година на МОТ не ја видов „Црнила ремикс“. Кога ги видов тие млади луѓе што решиле да направат хип-хоп театар, повторно ми го вратија предизвикот, рече на промоцијата авторката Стојаноска, која на крајот препорача:

Книгата можете да ја читате како што сакате. Или само да ја разгледате. Ако со оваа книга барем малку придонесам во македонската култура, ќе бидам благодарна.

Исто така се одржаа и разговори на тркалезна маса за четири претстави од официјалната програма – „Балконот“ на Албанскиот театар, „Женска гардероба“ на Театар Комедија, а доцна по полноќ публиката имаше средба и со екипите на „My Name is Medejа“ на Народниот театар од Битола и „Несфатената цивилизација“ на Охридскиот театар.

Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.