Во Културно-информативниот центар – Скопје, Салон Империјал 2, на 13 септември (петок), со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии од Зденко Петровски насловена „Портрети од темната комора“

„Оваа изложба на Зденко Петровски е прошетка низ едно време, раст низ еден живот или развој на едно општество. Изложбата е сведоштво на лицата од последните три децении на минатиот век каде што можат да се читаат и младоста и урбаноста, и пркосот и стравот, и создавањето и распадот, и животот и смртта која се доближува.

Фотографот Зденко Петровски го испишува или го архивира движењето на ликови низ времето, на времето низ просторот, од почетокот на детството па сѐ до крајот. Тоа играње на уметникот со хронотопот низ овие триесет аналогни портрети ни дозволува да запознаеме или да се потсетиме на триесетте години на генерации кои сега со носталгија зборуваат за своето време. Поставката е потсетување на времињата во кои не живееме“, пишува Андреј Медиќ Лазаревски за изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 30 септември, 2024 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.