Песните „Вода“ и „Отворена книга“ од македонската писателка и поетеса Јулијана Величковска беа објавени во неделникот за литература и уметност „Едебијат газети“ („Литературен весник“) во Азербеџан. Препевот е дело на поетот Ферид Хусеин.
„Едебијат газети“ е еден од најстарите и најчитаните неделници за литература и уметност што се објавува од 1934 година во Баку, Азербејџан. Весникот до 1991 г. излегувал како гласило на Друштвото на писателите на Азербејџан и на Министерството за култура на Азербејџан, а оттогаш е гласило на Друштвото на писателите. „Едебијат газети“ излегува од печат секоја сабота, на 32 страници, во 1700 примероци.
Ферид Хусеин е поет, есеист и преведувач, како и новинар и уредник. Тој е претседател на Младинското собрание во рамки на Друштвото на писателите на Азербејџан.
Јулијана Величковска е писател, уредник и преведувач. Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ), стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации), романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации) и на повеќе од дваесет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.
Нејзините песни се препеани и објавени на осумнаесет светски јазици. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова (2017, Ерго). Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач е на „Скопскиот поетски фестивал“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.