Вториот ден од културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца помина во знакот на младите од Црвен крст Охрид и нивниот поетско – музички перформанс „Треба да бидеме подобри“.

Димитар Назифовски, Теа Петковска, Ангел Карали, Адела Абас, Мелани Котоска, Петар Алчески и Филипа Мијалкова со висока доза на професионалност стекната преку креативните вежби со нивните ментори предизвикаа аплаузи кај публиката во која мнозинство беа токму децата и младите кои преку овој пeрформанс можеби за прв пат слушнаа и за хуманaта мисија на Црвениот крст но и мноштвото активности со кои и тие доколку сакаат ќе можат да бидат дел од ова големо семејство. Младите на сцената подоцна ги споделија и своите импресии и приказни како влегле во „филмот“ наречен хуманост.

Во Трпејца на дофат на езерото беше прекрасно да се слушнат грст стихови од македонски автори со кои на пиедесталот се покажува борбата на човекот со различни искушенија. Перформансот присутните ги поведе низ безнадежноста, очајот и рамнодушноста, но и човековата борба сепак да се исплива и да се биде подобар човек.

Изборот на стихови и режија беше на  Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц. Овој перформанс пред околу еден месец беше изведен премиерно во рамките на седмото издание од театарскиот фестивал „Вдиши театар“ во организација на Црвен крст – Охрид.

Вечерва, во Трпејца доаѓаат поетесите – сестрите  Вера М Самарјанин, Марика Тапанџиева кои во јавноста се познати и по своите хуманитарни дела а со нив ќе настапи и познатиот пејач Драган Мијалковски.

Следи и богат програмски викенд. Утре – сабота од 20:30 студентот Петар Симоноски ќе презентира историско – документарни факти сврзани со преубавата Трпејца. Предвидена е и музичка придружба на гитара од страна на Горан Кичеец.

Вечерта трпејчани и гостите ќе можат да се потсетат на првата македонска култна филмска комедија „Мирно лето“ во режија на Димитрие Османли. Филмот е снимен во Охрид пред 62 години.

Но откако Трпејца стана македонското Сен Тропе слични случки како во филмот речиси се секојдневие и во ова село.

Во недела од 10 часот ќе се одржи традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ а потоа и натпревар во пливање.

Вечерта од 20. 30 часот ќе следи настапот на женското музичко дуо Black moon.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.