Скопската публика вечерва ќе може да ужива во поезија и џез на официјалното отворање на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“, што ќе се одржи во Младинскиот културен центар, во киното „Фросина“, со почеток во 20 часот.

Се работи за тематско поетско читање „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на кое во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ ќе настапат Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и младата Марија Велинова…

Во пресрет на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ разговаравме со Сергеј Тимофеев од Латвија. Роден во 1970 година, Тимофеев е поет, новинар, преведувач и диџеј од Латвија, кој пишува на руски јазик. Автор е на седум стихозбирки. Неговите песни се преведени на англиски, на италијански, на шведски, на германски, на украински и на други јазици, а активно учествува на поетски фестивали низ целиот свет. Тој е еден од првите во постсоветскиот културен простор што го измисли жанрот видеопоезија, а неговото прво видеопоетско дело „Оркестарска проба“ е создадено во 1994 година во соработка со режисерот Виктор Вилкс. Тој е еден од основачите на „Орбита“, креативна група руски поети и уметници. Сергеј Тимофеев живее во Рига и продолжува да ја комбинира модерната поезија со други уметнички форми и медиуми.

Минатата година не успеавте да учествувате на првото издание на „Скопскиот поетски фестивал“, но годинава сигурно доаѓате. Какво е чувството по оние години на изолација поради ковид-пандемијата, да се посетуваат фестивали, средби со колегите поети… Како влијаеше на Вас пандемијата? Што научивте?

ТИМОФЕЕВ: Годинава ова ќе биде првиот поетски фестивал на кој ќе одам. Речиси веднаш по моето враќање, ќе одам и на книжевен фестивал во Грузија, во Тбилиси. Со нетрпение ги очекувам овие патувања, бидејќи, се разбира, присуството на поетот на фестивалите, можноста да го видам и да го слушнам, е многу важно. Минатата година подготвив специјален видеосет за „Скопскиот поетски фестивал“ со музичарот Станислав Јудин. Според мене, тоа беше добар излез од ситуација кога не можете да дојдете самите. Но, за време на пандемијата, морав да учествувам на два фестивала преку „Зум“ ‒ во Романија и во Германија. Да бидам искрен, многу е тешко да им се чита на невидливите луѓе. Како во празнина. Некаква виртуелна сенка. Мислам дека, за разлика од предавањата, поетските изведби сè уште не се вклопуваат во форматот на „Зум“. Да се биде на самото место и време, да се види публиката, да се почувствува нејзиното внимание, е многу важно за еден поет.

Сергеј Тимофеев: Универзалните рецепти за тоа „како да се пишува“ едноставно не постојат

Македонската читателска публика ја запозна Вашата поезија преку изборот песни „Шумата почнува тука“, која на македонски јазик ја преведе Јулијана Величковска, а беше објавена од „ПНВ Публикации“. Што подготвивте овој пат за љубителите на поезијата? Дали ќе се претставите можеби со некои нови стихови?

ТИМОФЕЕВ: Сакам да ја искористам можноста и самиот да ги претставам песните од книгата, па најмногу ќе читам од неа. Секако, се појавија некои нови песни, но засега нивниот превод е само планиран. Сепак, јас и Јулијана решивме на отворањето на фестивалот, посветен на интеракцијата меѓу поезијата и џезот, да прочитам песна што ја нема во книгата. Се вика „Швајцарски џез“ и напишана е откако поминав еден месец патувајќи со еден швајцарски џез-бенд како тур-менаџер. Тоа беше многу моќно и важно искуство за мене ‒ постојано движење, средби, збогувања, настани, концерти, каде што, во принцип, се изведуваше приближно истата програма, но секоја вечер звучеше различно.

Како се инспирирате кога пишувате? Познат сте и по комбинирањето поезија со други форми и медиуми… Имате ли можеби „некаков рецепт“, некој „ритуал“ или сѐ е спонтано?

ТИМОФЕЕВ: Со моите колеги од латвиската поетска група „Орбита“, направивме дури и специјална изложба наречена „Од каде доаѓаат песните? / Where do poems come from? (Ако објавата е онлајн, тогаш тука можете да видите како изгледаше). Таа беше лоцирана во складиштето на една бетонска сцена за приземјување закотвена на брегот на Даугава. Таму имаше 4 соби и 4 верзии на одговорот на ова прашање. Мојот одговор беше „Од прозорецот“ ‒ и тоа беше таква поетска машина, што се управуваше со рачката на менувачот од стара „волга“. Таа можеше да избере една од четирите песни што ги читаат авторите во нивната соба крај нивниот прозорец ‒ со звуците од дворот или од улицата. И слушнете го додека го гледате видеото на екранот ‒ на кое се прикажува како од мојот прозорец ги снимив рефлексиите во прозорците отспротива. Овој предмет за мене е метафора за фактот дека поезијата се раѓа од набљудување, од процесот на разгледување на светот, што го гледаме низ нашиот внатрешен „прозорец на светот“.

Бидејќи се занимавате и со превод, дали сте преведувале некој македонски автор?

ТИМОФЕЕВ: Ух, јас не знам македонски. Сепак, неопходно е да се знае јазикот за да се преведува македонската поезија. Поезијата е вкоренета во јазикот на кој е напишана. Таа израснува од него и од неговите можности. Ако не ја владеете во целост смислата за значењата што може да ги содржи еден стих во оригиналот, нема да можете да го преведете соодветно. Затоа, според мене, речиси е невозможно да се преведе поезија од друг превод.

Како почнавте да пишувате поезија? Имавте ли некој идол меѓу светските поети? Или некое дело?

ТИМОФЕЕВ: Немаше конкретна точка кога сето тоа започна. Тоа беше долг и постепен процес. Прво, некое посебно задоволство од читањето, од самите фрази, од зборовите. Потоа следуваа некои обиди да создадам нешто на ова поле. Но, мислам дека тука е важен принципот на задоволство и изненадување. Поезијата може да ти направи голем ќеф, а можеш и да се изненадиш како авторот дошол на идеја да ги спои овие зборови, да ја формулира својата мисла, својата слика на таков начин. Поезијата е сферата на постојаните изуми. Ако авторот престане да измислува и почне да се повторува, во одреден момент и самиот станува незаинтересиран да твори. Има многу поети на овие простори што ми се интересни, но не би рекол дека имам „омилени“. Ми се допаѓаше американската битничка поезија, француските надреалисти, грчките и италијанските автори од 1970-тите. Но, ако и самите пишувате, секогаш треба да држите дистанца од она што веќе го направиле другите автори, да не ги повторувате, да не копирате, иако е сосема можно да ви се поклопат мислите со другите што веќе пишувале за тоа, но можете да го реобмислите и инаку да го срочите. Се разбира, универзалните рецепти за тоа „како да се пишува“ едноставно не постојат. Јас само зборувам за мојот пристап.

Фотографии: Кристапс Калнс



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.