Македонскиот народен театар организира несекојдневно доживување со македонската поезија ставена во современ музички контекст. В четврток на 8 јуни, со почеток во 21:00 часот на големата сцена ќе се одржи „Поетроника“, проект кој претставува повеќе од едночасовен музичко-сценски електронски акт, односно перформанс во живо, а ќе биде изведен од страна на неговите творци, актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе како резултат на нивната посветеност и повеќемесечно експериментирање.

Покрај спецификата дека станува збор конкретно за македонско поетско творештво опфаќајќи ги хронолошки сите генерации поети, „Поетроника“ се разликува од сите досегашни слични обиди во самиот пристап кон наративот и се труди да ги избегне стереотипите за тоа како се интерпретира и каква музичка форма прилега на едно поетско изразување. Длабоко интимна и емотивна симбиоза од електроника, амбиент, џез-елементи и драмска нарација лишена од баналност и патетика.

Проектот е, исто така, некој вид сведоштво за континуитетот и конзистентноста на македонското поетско творештво особено во време кога повторно јазикот, идентитетот и правото на културна самоидентификација се доведени во прашање.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.