Издавачката куќа Антолог  ја објави книгата Сeто тоа ќе ти го дадам“ од Долорес Редондо.

Познатиот писател Мануел Ортигоса добива известување дека неговиот сопруг Алваро Муњис де Давила загинал во сообраќајна несреќа во Галиција кога всушност требало да биде на службен пат во Барселона. Се упатува таму и открива дека истрагата за случајот е затворена, а човекот со кој бил во брак петнаесет години криел од него дека потекнува од богато благородничко семејство и дека тој му е единствениот наследник.

Растргнат помеѓу болката од загубата и од сознанието за двојниот живот, сака да избега веднаш по погребот. Но го задржува Ногеира, полицаец во пензија, кој се сомнева во околностите за смртта на Алваро исто како и за друг смртен случај во неговото семејство, за кој мисли дека бил прикажан како несреќен случај. Заедно со свештеникот Лукас, кој му бил најдобар пријател на загинатиот од детството, го наведуваат Мануел да започне истрага за ненадејното патување на Алваро во Галиција и за неговиот таен живот. Ја почнуваат потрагата по вистината во место во кое старите обичаи и верувања се длабоко вкоренети и место што крие многу тајни.

Наградата „Планета“ се доделува од 1952 година и е највредната книжевна награда во светот, бидејќи авторот добитник добива еден милион евра. Наградата е основана од Хозе Мануел Лара Ернандез и се наградува најдобриот ракопис напишан на шпански јазик. Меѓу досегашните добитници се Марио Варгас Љоса, Рамиро Пиниља, а Ернесто Сабато ја има добиено но одбил да ја прими наградата.

 За авторката:  Долорес Редондо (1969) е баскиска писателка што пишува на шпански јазик. Студирала право и гастрономија. По дипломирањето, работела во неколку ресторани, за на крајот да отвори свој локал. Во светот на литературата влегла пишувајќи кратки раскази и приказни за деца. Добитничка е на наградата „Премио планета“ за 2016 година. Со „Бастанската трилогија“ прераснува во глобален книжевен феномен. Трилогијата станува една од најуспешните шпански криминалистички серијали, преведена на повеќе од триесет јазици.

За преведувачката: Виолета Јагев (родена 1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование и првите две години на факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Ча­шуле“  во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преве­дувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.