Овој четврток, со почеток во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи концерт во рамки на циклусот „Подиум на млади“ на кој како солистки ќе настапат Џеврие Туле – пијано и Симеон Гошев – виолина во пијано придружба на Весна Ангелова Христов.

На програмата се дела од Бетовен, Лист, Паганини и Зографски.

Џеврие Туле (2006, Струга) своето музичкото образование го започнала на шестгодишна возраст во ОМУ „Методи Патче“ во Охрид, во класата на проф. Даниел Чурковски. Од 2020-та школувањето го продолжила во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, во класата на проф. Весна Ангелова-Христов, каде што оваа година матурантка. Учествувала во програмата Еразмус плус во Копер, Словенија, организирана од ЗМП „Полихимнија“ (2022) и во Вараждин, Хрватска (проект на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (2024). Уште од мала возраст Туле се истакнала со големи успеси на државните и на меѓународните натпревари по пијано во земјава и во странство. Таа е лауреат на натпреварите и во Албанија и добитничка на први награди на државните натпревари во земјава, добитничка на прва награда на „Полихимнија“, на специјална награда „Јасминка Чакар“ за најдобро изведено дело од Ф. Шопен. Учествува на голем број семинари и мастер курсеви кај еминентни педагози по пијано, меѓу кои и Туту Ајдиноглу и Александар Сердар, а во 2002 учествувала на мастер курс на селектирани студенти во класата на проф. Хериберт Кох во Дурен, Германија, каде што учествувала на завршните концерти во Дурен, Келн и Ахен. Во 2024 година, Џеврие Туле беше избрана да настапи со Македонската филхармонија во изведба на Концертот бр. 2 од Д. Шостакович.

Симеон Гошев (2003) е роден во семејство на музичари и со музиката е во контакт од најраното детство. Неговите први музички настапи биле на детски фестивали, каде што пеел како солист и во хор. Во 2009 почнал да учи виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на проф. Ана Кондратенко. Своето образование го продолжил најпрвин во класата на проф. Румен Димитриев, а потоа кај проф. Јелена Туфекчиевска. Во 2022 година започнал со студии на Музичката академија во Љубљана, во класата на проф. Јанез Подлеска и ас. Ана Должан. Низ годините, Гошев има освоено награди на многу меѓународни и државни натпревари, како наградата на Фондацијата „Илија Николовски-Луј“ за високи достигнувања во текот на школувањето и Златна плакета и Специјална награда за најдобра изведба на дело од словенечки автор на натпреварот „Темсиг“ (2024). Посетувал семинари и земал мастер часови кај реномирани професори: Благоја Димчевски, Пачалин Павачи, Никита Борисо-Глебски, Емилио Перцан, Сихана Бадивуку, Вонџи Ким-Озим, Роберт Лакатош, Марко Симовиќ, Владимир Марковиќ, Галина Којчева, Петра Ковачич… Има одржано бројни рецитали низ повеќе градови во Македонија, а годинава (2024) одржа рецитал и во Љубљана во рамките на циклусот на Музичката академија „Соло е да камера“. Во претстојната сезона 2024/2025, Гошев ќе настапи заедно со Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија. Настапувал како солист со оркестарот на Македонската филхармонија, Камерниот оркестар „Саша Николовски-Ѓумар“ и оркестарот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Член е во квартетот „Лаит“ каде што свири прва виолина. Како хонорарен соработник свири во Словенечката филхармонија, Љубљанската опера и балет и во Македонската филхармонија.

 

Пијанистката Весна Ангелова-Христов основно и средно музичко образование завршила во Скопје, во класата на проф. Павлина Среброва. На 17-годишна возраст е примена на Факултетот за музичка уметност, каде што дипломирала пијано со највисока оценка, во класата на проф. Борис Романов. Магистрирала интерпретација на пијано на ФМУ, под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметности Нови Сад, Р Србија). Во текот на нејзиното школување, била добитничка на многубројни државни и меѓународни награди и признанија (Србија, Германија), специјална награда и неколку први награди на државните натпревари по пијано и камерна музика. Добитничка е на стипендија за културно дејствување и културен престој во Париз (2008) во Меѓународниот град на уметностите (Cité des arts Paris). Во 2017 остварила престој во Њујорк, каде што реализирала концерт-рецитал во Македонскиот културен центар. Учесничка е на меѓународни мастер предавања кај еминентни педагози: Б. Романов, Р. Кинка, А. Диков, Ј. Михаиловиќ, Ј. Клепач. Ангелова-Христов е добитничка на стипендија на Музичка младина на Македонија за учество на Меѓународен мастер клас во Вајкерсхајм, Германија, каде што работела со реномирани педагози од оваа област. Настапувала како солист и камерен музичар во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Турција, Чешка, САД, на домашни и на меѓународни фестивали и била повеќепати солист со Македонската филхармонија. Нејзиниот афинитет кон камерната музика ја насочил кон оформување на пијано трио и пијано дуо,а како пијано соработник најчесто настапува со виолинисти, поддржувајќи ги младите музичари на натпревари, семинари и на концертните подиуми. Во моментов работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.