Патувачкото кино на „МакеДокс“ го почнува своето тринаесетто патување.
Оваа година, Патувачкото кино ќе се одржи во два дела, првиот дел од 18 до 24 јули во Струмичкиот регион, а вториот дел во септември во Преспанскиот регион.
Пристигна оној дел од годината посветен на најубавите, безгрижни летни распусти кај баба на село. Ќе го натовариме нашето магаренце со приказни и ќе се упатиме во прегратките на Беласица и Огражден, да здробиме малку кромид со најпознатите пиперки.
Почнуваме од селото на две реки, Турија, на исток, и Струмица на запад. Продолжуваме во подножјето на Еленица, помеѓу Плавуш и Смрдеш во некогашно Палеокастро, каде се плетеле кошници и печеле грнени садови.
Одиме во зелен спокој каде ќе уживаме во румени домати, лубеници, дињи, но и во праз на кој му е посветен еден цел фестивал во комшии.
Продолжуваме во селото на војводите, „селото на осамената куќа“, комшија на Еднокуќево, а по него кај Босилко. По течението на Гарлиева чешма крај ендемските папрати ќе завршиме со приказните крај водопадите, во селската идила крај чардаците со Габровчани.
Магаренцето ќе носи приказни, но и ќе собира. Ќе собира приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од XX век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одекот на македонскиот петвековен крик – приказната за првото модерно киднапирање во светот – информираат организаторите.
Распоред на проекции:
18.07. – Пиперево
19.07. – Вељуса
21.07. – Моноспитово
22.07. – Босилово
23.07. – Габрово
*Проекциите се бесплатни и почнуваат во 21 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.