Со проекција на документарниот филм „Сѐ што дише“ на режисерот Шаун Аксин вечерва во 21 часот во Куршумли ан во Скопје почнува 13. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс” кој ќе трае до 25 август.
Освен во Куршумли ан, „МакеДокс“ ќе се одржува и пред платото на Музејот на Македонија, Младинскиот културен центар и во „Јуроп хаус”.
Под мотото „Лупење идеи”, фокусот на годинешното издание е ставен на развојот на идеите. Пред проекцијата на филмот „Сѐ што дише” ќе биде прикажан краткометражниот филм „Иднината е водена палата” на режисерката Хуанита Анзага.
По филмската проекција на отворањето, во 23 часот, концерт ќе одржи групата „Баклава“, која ќе изведе песни од својот репертоар, но и новите песни посветени на Скопје.
Во рамките на програмата Земја во фокус е Чешка, а почесен гостин на фестивалот е познатата чешка документаристка Хелена Тшештикова, која ќе одржи и мастерклас на 20 август во „Јуроп хаус Скопје“.
Според изјавата на извршниот директор на фестивалот, Дарко Набаков, годинешниот фестивал ќе има 70 гости од странство, кои доаѓаат од целата Европа, а сите филмови ќе бидат прикажани во живо освен еден мал дел од копродукцискиот форум кој ќе се случува хибридно, односно и онлајн и во живо во МКЦ.
Петрула Вељановска, која е дел од програмскиот тим на „МакеДокс”, рече дека оваа година на адресата на Фестивалот пристигнале филмови од пет континенти. И оваа година филмовите ќе бидат поделени во четири натпреварувачки програми и ќе се борат за пет награди.
Програмата, како што информираат од Македокс, ќе почне утре, со проекција на филмот „Рене – Затвореник на слободата“ (Чешка, 2021, 102’) на режисерката Хелена Тшештикова, една од најзначајните авторки во чешката документаристика и „мајка на тајм-лапс документарецот“. Таа на 20 август во „Europe House Скопје“ ќе одржи мастерклас на кој низ разговор со Туе Стен Милер ќе ги сподели своите тајни за тоа како ги снима своите документарци, чие снимање понекогаш трае и по 20 години.
Дизајнот на плакатот за 13. „МакеДокс“ е на Самир Карахасан.
Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.
Тринаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.