Од денеска до 6 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се одржува четиридневен Фестивал на перформансот. Влезот е слободен, а фестивалот е составен од две програми, информираат од Музејот на современата уметност – Скопје.
Главната програма е тридневен настан насловен „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија“ куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров и се состои од проекции, предавања и перформанси. Додатна програма е програмата на партнерите, што произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма Вила 31 во Тирана, како и соработка со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI). Општата идеја на фестивалот е да се измислат различни начини на делување, што ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми, што се во потрага по еманципација, пишува во соопштението.
Како што се додава, фестивалот е второто поглавје од европската програма Култура.ЕУБалкан (2022-2024), чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители, меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и нивните истражувања.
Претставата на NAM Choreolab е претставена во соработка со ППФестивал на Локомотива и проектот Движење на неврзаните, поддржан од Креативна Европа/ Програма за европска соработка со Западен Балкан и Министерство за култура на Република Македонија, се додава во соопштението.
МСУ – Скопје фестивал на перформансот е настан што се организира на годишно ниво, се додава во соопштението, овозможувајќи експериментирање и споделување на уметничката пракса на резидентите и уметниците од регионот, ЕУ и меѓународните сцени. Преку партнерства со културни институции, како и организации, здруженија, школи, универзитети и истражувачки центри, фестивалот ќе се вклучи во пошироки соработки со можност за проширување на други јавни и отворени простори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.