Меѓународниот Драмски аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани почнува денеска со театарско музички перформанс „Театарот е жив“ и гостувањето на народниот театар од Велес со претставата „Синиот протокал“, во знак на 60-годишниот фестивалски јубилеј.
Селекторот на ДАФ, Игор Џамбазов, на прес-конференцијата пред вечерашното свечено отворање истакна дека се работи за една од најстарите културни манифестации во државата, поради што ја прифатил поканата да го направи изборот на театарските групи кои ќе учествуваат во натпреварувачкиот дел.
– За мене е голема чест што за првпат сум селектор на еден фестивал, иако сум имал покани и од други манифестации, а горд сум што тоа е токму на Драмскиот аматерски фестивал со кој сум врсник. Успеав да се сетам само на фестивалите „Охридско лето“ и „Златно славејче“ како на културни настани што траат повеќе од шеесет години, а со нив е и овој фестивал во Кочани. Изгледав толку квалитетни театарски претстави што беа понудени, колку што не сум гледал во последните десетина години заедно. Јас сум еден од оние скептици кои сметаат дека театарот е мртов засекогаш, а останува само институционалниот театар што добива пари од Министерството за култура, прават претстави што никој или ги гледа само по некој. Сепак, кога ги видов овие претстави, а што ги одбрав за овој 60-годишен јубилеј, сфатив дека театарот е жив и тоа многу, поради што и овогодишното мото е токму „Театарот е жив“, а со него и јас сум жив, истакна селекторот Џамбазов.
Додаде дека на годинашниот ДАФ учествуваат театарски групи и ансамбли кои со години се дел од фестивалската програма, како што е театарот од Тетово, театарот „Чекори“, а покрај тоа, има и гости од Србија, Хрватска и Турција.
Театарските претстави во натпреварувачкиот дел ќе ги оценува тричлена жири комисија во која се Анкица Венинова, Жарко Спасовски и Сотир Трајков, а Миле Вратеовски ќе биде водител на разговорите со актерите по завршувањето на нивните настапи. И годинава ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“. Прогласувањето на најдобрите и доделувањето на наградите ќе биде в недела од 18 часот во Паркот на Револуцијата, по што рок концерт ќе одржи Јордан Манов Бенд, истакна истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.
Финансиска поддршка за одржувањето на јубилејниот ДАФ обезбедија Министерството за култура, ЕУ за тебе, Општина Кочани и општествено одговорни компании од регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.