Со претставата „Љубовна терапија” на Народен театар при НУЦК „Трајко Прокопиев”, вечерва почнува 16. Меѓународен театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски” во Крива Паланка. Претставата почнува во 19:30 часот во Националната установа Центар за култура Крива Паланка, а фестивалот е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата за 2024″.
Организаторот е Општина Крива Паланка, од каде најавија атрактивни театарски претстави од реномирани театри од земјава и Балканот.
Фестивалот ќе трае до 5 октомври 2024, а „Градот на културата” во периодот на одржување ќе биде отворена сцена за врвни актери од државата и регионот.
Лауреат на годинашното издание е познатиот македонски актер Никола Ристановски, а изминатите деценија и пол на одржување на фестивалот врамени во монографијата на Гоце Ристовски, „Со театар до Балкан без граници”, ќе бидат претставени пред публиката на свечена академија на 30 септември.
Ќе настапат повеќе македонски театри – МНТ, Драмски театар, Скопје, НТ НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев”, Куманово, НТ при НУЦК „Јордан Хаџи Константинов – Џинот”, Велес и театри од соседните земји – ГТ „Јоза Ивакиќ”, Винковци, Хрватска, НТ „Серија”, Вршац и уметничка работилница „Призор, Белград и Драган Маца Маринковиќ, Република Србија, Општински театар, Ќустендил, Република Бугарија, кои ќе настапат со најновите и најатрактивни театарски претстави.
Дизајнот на плакатите и визуелниот идентитет на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски” Крива Паланка од почетокот до денес му е доверен на кривопаланечкиот графички дизајнер и хералдичар, Стојанче Величковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.