По кусо боледување, на 71 година почина театарската и ТВ-режисерка Виолета Џолева. Џолева беше една од најплодните македонски режисерки, а меѓу последните претстави ѝ беа „Партија реми“ во Драмски театар во 2018 и „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова во Театарот за деца и младинци.

Дипломирала на Театарската академија во Белград во 1974. Била член на Радиодрамата (1958–1969), режисерка во РТВ Скопје (1974–1976), режисерка во Камерниот театар во Сараево (1976–1992); слободна уметничка (1992–1994), а од 1994 беше драматург и режисерка на МРТ.

Во Драмски театар Скопје режираше повеќе претстави, меѓу кои: Луиџи Пирандело – „Хенрих IV“ (1974) ; Пол Зиндел – „Дамите од Аламо“ (1990); Несин Азис – „Убиј ме душичке“ (1997); Васил Иљоски – „Чест“ (1998); Доналд Ли Кобурн – „Партија реми“ (2018).

Театарот е жива материја и мора да го прати времето. Мислам дека македонскиот театар во моментов не оди паралелно со времето. Во секоја средина се негува посебен вид на театарска форма. Вистинскиот театар се случува во Европа. И тука има две школи – руската и германската. Ние сме некој микс и во моментов имитација на она што се случува во поголемите театарски центри. Мислам дека театарот во Македонија репертоарски лута и нема концепција во формирање на тоа што во текот на сезоната се истражува во театарот. Во принцип секаде националните театри и имаат ‘железен’ репертоар. Тоа значи кој е класик кај нас, тој треба да се игра. Ако во Англија е Шекспир, кај нас мора да се игра Чашуле. Ако во Хрватска се игра Крлежа, а во Србија Нушиќ, кај мора да се игра некоја драма од Петре М. Андреевски. Или, ако не постои, да се направи. Младите автори ретко се осмелуваат да поставуваат драмски дела од македонски автори. Оттаму, група драматурзи кои завршуваат на ФДУ, ретко пишуваат драми, изјави Џолева во интервју за „Република“ пред премиерата на првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова, во Театарот за деца и младинци.

Во интервјуто за „Република“ во 2018 година Џолева го постави прашањето и за тоа на кој начин таа може да зборува за идентитетот.

Постојано зборуваме и се докажуваме од кога постои македонскиот народ, ја докажуваме нашата традиција, идентитет, јазик, а во суштина е многу лесно. Вратете се само 55 години наназад и ќе видите колку ние сме биле сериозни творци, автори. Нашите дела излегувале во Европа, а сега Европа ја викаме Хрватска и Словенија, а ние тогаш таму сме добивале награди на фестивалите. Значи ниту сме поглупави, ниту сме помалку способни од сите тие кои се сега Европа, а ние како божем не сме, што едноставно мјузиклот е воскрснување, обновување на нашата традиција. Ние врз основа на нашата традиција треба да градиме и да продолжиме да го правиме она што знаеме да го работиме. Традицијата не почнува од нас, туку од нашите предци и тоа треба да го надградиме. На кој начин ќе зборувам јас за мојот идентитет, ако не на овој, како уметник?, велеше Џолева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.