На 91 годишна возраст, почина маестро Фимчо Муратовски, еден од основоположниците на диригентската уметност во земјава, и поранешен директор на Македонската филхармонија, објави Филхармонија.
Со маестро Муратовски нашиот оркестар реализираше низа незаборавни концерти, изведе комплексни дела од светската музичка литература, како и голем број праизведби на композиции од македонски автори, додаваат од Филхармонија.
Муратовски беше и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје во пензија.
Со над повеќе од 40 години уметничка исполнителна дејност, Фимчо Муратовски е еден од доајените на македонската музичка, оперска, и балетска сцена, како и на концертните подиуми во земјата.
Музичкото образование го оформува на Музичката академија во Загреб, а потоа престојува на едногодишен специјализациски престој на Конзерваториумот во Санкт Петербург. Од 1959 година, постојано е ангажиран, најпрво во Операта и балетот на Македонскиот народен театар, потоа како диригент и директор на Македонската филхармонија, за својот работен век да го заврши како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, чиј декан бил во два мандата.
Во текот на својата уметничка дејност поставил и диригирал повеќе од 40 оперски и балетски дела од класичниот, современиот и домашниот репертоар, а на концертниот подиум реализирал голем број симфониски и камерни дела со посебен акцент кон домашното творештво, кое со посебен афинитет го пропагирал низ многубројните гостувања во поранешна Југославија, Полска, Германија, Италија, Бугарија, Романија, поранешните советски републики, Мексико и др.
Бил основач и диригент на Младинскиот и на Македонскиот камерен оркестар, и диригент и уметнички раководител на Камерниот оркестар на МРТВ. Во текот на својата образовна дејност како професор, пренесувајќи го своето богато уметничко искуство воспитал генерации млади диригенти, пејачи и оркестарски музичари кои и ден денес успешно работат и делуваат во земјата и странство.
Низ своето долгогодишно делување во културниот и јавниот живот бил носител на повеќе општествени функции, а за својата дејност добитник е на повеќе награди и признанија – наградата на Град Скопје „13 Ноември“ во 1969 г., републичката награда „11 Октомври“ во 1977 г., како и истата награда за животно дело во 1995 г.
Погребот на Фимчо Муратовски ќе се изврши утре, на 14 септември, на градските гробишта во Бутел, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 13 до 14 часот, посочуваат од семејството на починатиот Фимчо Муратовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.