На 90 годишна возраст, почина Љубомир Бранѓолица, најплоден домашен композитор кој твореше во различни жанрови, а особено се истакна со музиката за балет, со творби за 18 целовечерни претстави.

Роден 1932 во Херцег Нови, Љубомир Бранѓолица, потекнува од музичко семејство и од дете посетувал часови по пијано, во Дубровник. Во Военото музичко училиште во Загреб се запишал 1946, а средното музичко образование го стекнал во Ријека. Откако не го примиле на отсекот за пијано, туку на теоретскиот смер, кусо се задржал на Музичката академија во Белград и 1950 почнал да работи во Салонскиот оркестар при Домот на ЈНА , со кој ја извел првата композиција „ Интермецо“. 1954 дошол да работи во домовите на ЈНА во Куманово и Скопје, а од 1957 бил ангажиран во нашиот Балетскиот ансамбал, за кој напишал музика за 18 целовечерни претстави, меѓу кои е и неговото монументално дело „ Дубровничка легенда“, дополнува Џипунова.

Покрај музиката за балет, во богатиот опус на Бранѓолица има опери, камерни и хорски композиции, но и популарни песни и аранжмани на творби од наши и странски автори. Како композитор на филмска музика започнал 1964 година, со музиката за документарецот „ Кеј 13 Ноември“. За својата работа од Сојузот на композитори во 2006 година ја добил наградата за животно дело „ Трајко Прокопиев“.

Љубомир Бранѓолица ќе биде погребан утре во 09 часот, на гробиштата во Бутел. По него за вечноста останува дигитализираниот опус.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.